Кампањата на Трамп ја „менува брзината“ за да се прилагоди на Камала Харис

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп ќе се обиде ада им покаже на неопределените гласачи дека неговата веројатно нова демократска соперничка, потпретседателката Камала Харис, е вмешана во две големи прашања на коишто смета дека ќе победи на претседателските избори во ноември: имиграцијата и животните трошоци.

Извори од кампањата на Трамп велат дека Харис, веројатната демократска кандидатка откако претседателот Џо Бајден се повлече од трката во неделата, ќе ја отсликаат како „копилотка“ на споменатите политики коишто предизвикуваат незадоволство меѓу американските избирачи.

Ненадејното повлекувања на Бајден и неговата поддршка за Камала Харис направија пресврт во претседателската трка, само осум дека откако Трамп го преживеа обидот за негово убиство на предизборен собир што уште дополнително му даде предност врз актуелниот претседател.

Извори за Rеuters рекле дека кампањата на Трамп всушност со седмици наназад се подготвувала за Харис доколку Бајден се повлече и таа ја освои номинацијата на Демократската партија.

„Ќе биде полесно да се победи Харис отколку што би било да се победи Џо Бајден“, изјави Трамп за телевизијата CNN во неделата набрзо по објавата на Бајден.

Кампањата на Трамп сигнализира дека ќе настојува што поцврсто да се насочи кон имиграциската политика на Бајден, која ја промовираше и поддржуваше Харис, за којашто републиканците велат дека е виновна за остриот раст на бројот луѓе кои нелегално ја минуваат јужната граница со Мексико, а станува збор за милиони.

Втората линија на нападот ќе биде поврзана со економијата. Анкетите доследно покажуваат дека Американците се незадоволни од високите цени на храната и горивата, како и од каматните стапки коишто купувањата на куќите ги прават сѐ помалку достапни.

„Таа е копилот на визијата на Бајден… Доколку сакаат да се префрлат на ‘Бајден 2.0’ и да ја имаат ‘крештавата’ Камала на врвот од изборното ливче, добро стоиме“, повторувајќи ја навредата со кој кампањата со седмици го исмева смеењето на потпретседателката, изјавил советник на Трамп, кој зборувал под услов да биде анонимен во текот на минатонеделната Републиканска национална конвенција, кога партијата го потврди Трамп за свој кандидат во трката за Белата куќа.

Организацијата „Make America Great Again Inc (Да ја направиме Америка повторно голема), којашто го поддржува Трамп, објави во неделата дека ги повлекува анти-Бајденовите телевизиски огласи коишто требало да се прикажуваат во колебливите држави Аризона, Џорџија, Невада и Пенсилванија и ги заменува со оглас кој ќе биде насочен кон Харис. Рекламниот спот во траење од 30 секунди се обвинува Харис дека од јавноста ја криела нестабилната состојба на Бајден и се настојува да ѝ се припише одговорност за политиките на Бајден.

„Камала знаеше дека Џо не може да ја извршува работата, па таа ја работеше. Погледајте што стори: инвазија на границата, неверојатна инфлација, американскиот сон е мртво“, наведува меѓу другото нараторот во спотот.

Трамп, познат по користењето навредлив речник во нападите врз своите противници, на собирот во Мичиген во саботата на своите приврзаници им ги искажа „епитетите“ коишто веројатно ќе ги употребува следните денови во пресметката со Харис.

„Ја нарекувам смејачката Харис. Дали некогаш сте го виделе тоа смеење? Таа е луда. По смеењето може многу нешта да се заклучат. Таа е луда. Таа излудела“, рече Трамп.

Демократската партија допрва треба да речи како ќе оди натаму во кампањата за ноемвриските претседателски избори и сѐ уште нема гаранции дека Харис ќе биде партиската кандидатка и покрај повлекувањето на Бајден.

Според политички стратези, Харис како демократска кампања можеби би ја променила изборната трка на непредвидливи начини. Педесет идевегодишната Харис од азиско и црнечко потекло би оформила целосно нова динамика со 78-годишниот Трамп, нудејќи поглед во живописниот генерациски и културолошки јаз, сметаат аналитичарите наклонети на демократите.

Соединетите држави, по неочекуваниот пораз на поранешната прва дама и поранешна демократска државна секретарка Хилари Клинтон токму против Доналд Трамп на изборите во 2016 година, сѐ уште не избраа жена за претседател во својата 248-годишната историја.

Родел Молино, демократски стратег и долгогодишен помошник на демократите во Конгресот, вели дека Харис ќе може да придвижи „поенергична кампања којашто ќе ги поттикне младите гласачи и другите раси“, откако Бајден се обидуваше да ги анимира, како и важните избирачки групи на Демократската партија кои досега беа резервирани.

Поранешната обвинителка на сојузната држава Калифорнија, како и поранешна сенаторка, Харис ќе може да ги искористи „своите години на искуство во парничењата за ефикасно да го процесуира Трамп на судот на јавното мнение“, вели Молино.

Чип Фелкел, републикански стратег, предупредува дека грешка за кампањата на Трамп би било да претпостави дека Харис би можела да послужи како едноставна замена за Бајден, поради нејзината потенцијална привлечноста за различни сегменти од американското избирачко тело.

Неодамнешни анкети на медиуми кои ги поддржуваат демократите, покажале дека наводно Харис е израмнета со Трамп. Во хипотетичко меѓусебно соочување, Харис и Трамп наводно би бил израмнети со 44 отсто поддршка во анкетата на Reuters/Ipsos спроведена од 15-ти и 16-ти јули.

Пред повеќе седмици кампањата на Трамп веќе започна со стратегија за тоа како ќе ги прераспредели ресурсите на кампањата доколку Бајден се откаже од трката. Џенет Хофман, републиканска политичка советничка, рече дека покрај другите работи коишто Харис ќе ги донесе како кандидатка, нејзината блиска врска со Бајден ја отежнува нејзината кандидатура.

„Харис не ја претставува промената којашто Америка ја бара“, вели Хофман.