Канада во неделата ја претстави својата стратегија за Индо-пацификот, која вклучува 1,7 милијарди американски долари за јакнење на воената и кибернетичката безбедност во тој далечен за неа регион, при што фокусот на таа стратегија е ставен во однос на „нарушувачката“ Кина.
Според планот, кој детално е опишан во документ на 26 страници, Канада ќе ги заостри прописите за странски вложувања за да ја заштити интелектуалната сопственост и да ги спречи кинеските државни претпријатија да добијат контрола над резервите од критични минерали.
Канада настојува да ги продлабочи врските со земјите од Индо-пацификот, кој според доктрината на новата американската администрација станува сѐ поважен регион, особено во настојувањата да се сузбие и заузда влијанието на Кина. Во канадскиот документ, тоа јасно е укажани, каде Кина се споменува повеќе од 50 пати, истакнува Reuters
Четворица канадски министри на прес-конференцијата во Ванкувер порачаа дека стратегијата е „клучна за националната безбедност и климата на Канада, како и за нејзините економски цели“.
Либералната влада на премиерот Џастин Трудо сака да ги диверзификува трговските и економските односи на Канада. На трговијата со САД отпаѓаат дури 68 отсто од вкупната канадска трговска размена, покажуваат официјалните податоци за септември.
Спомнатиот документ укажува и на дилемите со коишто Канада се соочува во односот кон Кина. Тензиите со Пекинг пораснаа кон крајот на 2018 година, откако канадската полиција по налог на САД ја уапсија извршната директорка на кинескиот технолошки конгломерат и светски гигант „Huawei“ под обвиненија дека наводно компанијата се занимава со индустриска шпионажа во поврзаност со кинеската влада , по што двајца Канаѓани беа обвинети за шпионажа и притворени во Кина.
Сите тројца беа ослободени минатата година, но односите меѓу двете земји сѐ уште се тензични. Дополнително, изминатите месеци Канада обвини дека Пекинг вршел обиди за влијание врз канадските избори со поддршка на некои пратеници кои треба да лобираат за кинески интереси. Исто така, се појавија и обвинувања дека одредени конзуларни канцеларии низ земјата биле користени како нелегални полициски станици на Кина за притисок врз кинеските државјани во Канада.
Канада, исто така, претходно во ноември забрани вложувања на три кинески компании во секторот критични минерали, повикувајќи се на причини од доменот на националната безбедност.
Во споменатиот стратешки документ се наведува и дека Отава ќе го ревидира и ажурира своето законодавство на начин којшто ќе ѝ овозможи „решително дејствување кога вложувањата на државни компании и други странски субјекти ѝ се закануваат на нашата национална безбедност, вклучително и на нашите клучни синџири за снабдување со минерали“.