Канада ги заострува условите за студирање и вработување на странците

Канада дополнително го намалува бројот на дозволите за струдирање за странските студенти и ги заострува условите за работни дозволи за да го намали бројот на привремени жители во земјата, соопшти владата во средата.

Најавата доаѓа додека либералната влада на премиерот Џастин Трудо, која заостанува во анкетите и претрпе голем пораз на дополнителните избори оваа седмица, настојува да го намали бројот на привремени жители во земјата, вклучително и странски студенти и работници.

Прашањето стана едно од најспорните во канадската политика, а федерални избори треба да се одржат најдоцна за октомври 2025 година.

Промените објавени во средата ќе го намалат бројот на издадени меѓународни дозволи за студирање на 437.000 лица во 2025 година. Канада одобрила 509.390 од нив во 2023 година, според податоците на одделот за имиграција, а во првите седум месеци од 2024 година, 175.920.

Промените, исто така, ќе ја ограничат подобноста за работна дозвола за сопружниците на некои студенти и привремените странски работници.

Со оглед на тоа што Канада забележува голем пораст на апликантите за виза, владата во средата објави мерки за зајакнување на интегритетот на визниот систем и „преглед на донесувањето одлуки за визи, така што нашите високообучени службеници ги имаат вистинските алатки за откривање измами и намалување на бројот на лажните посетители“.

„Реалноста е дека не секој што сака да дојде во Канада ќе може да го стори тоа, како што не секој што сака ќе може да остане во Канада“, рече министерот за имиграција Марк Милер.

Владата веќе се обврза да го намали бројот на привремени жители на 5 отсто од вкупното население. Во април оваа стапка изнесуваше 6,8 отсто.

Анкетите покажаа дека сè поголем дел од јавноста мисли дека Канада носи премногу имигранти, а антиимигрантската реторика по низаа смртоносни инциденти и напади се зголемија во земја која некогаш беше позната по гостопримството кон новодојденците.