Канадската полиција обвини сомалиски имигрант за напад со нож и газење пешаци во Едмонтон

Канадската полиција го обвини бегалецот од Сомалија за обид за убиство во неделата кога со нож нападнал полицаец и во бегството со автомобил удрил четири минувачи во Едмонтон, главниот град на покраината Алберта, што е квалификувано како „терористички чин“.

Повредените се префрлени на лекување во болниците, а состојбата на полицаецот е критична, додаде Род Кнечт, полициски началник во Едмонтон.

Осомничениот, 30-годишен маж кого полицијата не го идентификува, бил под истрага пред две години поради промовирање екстремистичка идеологија, но тогаш не се чинело дека претставува закана, соопшти полицијата.

Канадските медиуми, пак, осомничениот го идентификуваа како Абдулахи Хасан Шариф.

Во неговиот автомобил е пронајдено знаме на џихадистичката организација Исламска држава, ги потврди Кнечт претходните медиумски извештаи кои се повикуваа на изјави од очевидци на нападот.

„Според досегашните сознанија, станува збор за таканаречен ‘напад на волк самотник’. Во моментов нема причин за паника и страв“, изјави градоначалникот на Едмонтон, Дон Ивесон за новинарите.

Полицијата објави дека осомничениот во петокот во 20,50 часот по локално време се забил со автомобил низ барикада и удрил во полицаец кој одлетал неколку метри во воздух. Напаѓачот потоа излегол од возилото со нож го прободел полицаецот и побегнал.

Полицијата потоа го идентификувала мажот кој управувал возило на компанијата „U-Haul“ како сопственик на автомобилот од марка „малибу“ кој бил користен во нападот. Осомничениот побегнал од полицијата и намерно се обидел да гази пешаци додека полицијата го бркала во центарот на Едмонтон. Неговото возило на крајот се превртело, по што бил уапсен.

Американските разузнавачки служби се многу убедени дека напаѓачот дејствувал сам, но во секој случај ги истражуваат сите поединости од нападот, изјавил за Reuters неименуван американски функционер.

Канадскиот премиер Жастин Трудо го осуди нападот и го нарече „уште еден пример на омраза против којашто мора да останеме будни“. Канадската полиција објави дека и натаму во земјата ќе биде на сила средното ниво од терористичка тревога, воведена уште кон крајот на 2014 година.

Муслиманскиот совет во покраината Алберта го осуди нападот и организираше во неделата навечер собир на кој беа повикани членови на заедницата, полицијата и владата.