Отвореноста од моја страна секогаш била на највисоко можно ниво, немам одбиено ниту една дебата, тоа може секој новинар да го потврди, кој ме поканил секогаш сум била присутна, секогаш сме имале отчетност во резултатите за сите стимулативни мерки кои биле преземени, јавно, на прес конференции, со комисија, со луѓе кои работеле со резултати, кажа поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска во гостувањето во емисијата Отворено на 24 Телевизија.
Во емисијата гостуваше и сегашниот министер Роберт Алаѓозовски, но за разлика од супериорниот настап на Канческа-Милевска, тој беше незабележив. Поранешната министерка напомена дека се работи за два различни концепта меѓу оваа и минатата влада. Според нејзините зборови ВМРО-ДПМНЕ имаше еден концепт на програма, со проекти јасно презентерани, што и во кој период ќе се реализира, а дел од нив беа и во проектот Скопје 2014.
„Во делот на проектот Скопје 2014, бидејќи во изминатиот период многу самиот проект и терминолошки, несоодветно се третира, така да јас еве од оваа страна како Министерство за култура, тоа може да го види и колегата Алоѓозовски. Министерството за култура во овој проект се јавува како инвеститор на неколку проекти, кои што проекти се наоѓаат во програмата на Владата. Ние треба да говориме и добро е да говориме дека имаме два различни концепти, од една страна имаме концепт на програма, со проекти јасно презентерани, што и во кој период ќе се реализира. Сето тоа може да се дебатира и мерливо да се види, што е тој проект што е ветен, за што граѓаните дале доверба, дали се реализирал, од кои причини не се реализирал и каков е бенефитот од самата реализација или од самата инвестиција“, рече Канческа-Милевска.
Ги спомена и покрупните проекти кои министерството ги реализирало.
„Ние во тој проект сме вклучени во изградбата на стариот театар, на изградбата на Музејот на македонската борба, на концертната сала за Македонската филхармонија, на Архелошкиот музеј, во делот на ентериерот, спомен куќата на Тоше Проески, театарот во Велес, спомен куќата на Мајка Тереза. Зборувам како покрупни проекти, тие се тие проекти во кои што ние како Министерство за култура се јавуваме како инвеститори“, додаде Канческа-Милевска.
Рече и дека транспарентноста во овие проекти е на највисоко ниво.
„Зборувам за проекти кои се под надлежност на Министерството за култура. Ние по секое завршување на меѓународниот конкурс сме имале изложба на сите трудови кои што биле пристигнати, претседателот на комисијата кажува кој добил прва, кој втора награда и врз основа на што ќе се продолжи во градбата. Сите документи во однос на објавен тендер, во однос на сума, сите документи се јавно достапни. Така да таа транспарентност во овие проекти е на највисоко ниво“, изјави Канческа-Милевска.
Според неа, од досегашните многубројни капитални инвестиции, резултатите се видливи и на високо ниво и се реално мерливи.
„Се стимулираше унапредување на културата и се заштити културното наследство“, рече таа.
За изведбата на сите капитални проекти изрази огромна благодарност до сите вработени во министерството за култура.
Благодарност изрази и актерот Висар Вишка за огромната поддршката која ја пружила министерката за издигнување на Албанска култура во Македонија, бидејќи, како што рече, партијата ДУИ воопшто не била заинтересирана за албанската култура изминативе 11 години.
Вишка, исто така, истакна дека повеќе од потребна беше изградбата на Македонскиот народен театар.
Според Алаѓозовски, пак, треба да се ревидира работата на претходната министерка. Тој најавува ревизија на сите проекти меѓу кои и изградбата на новиот Драмски театар и конзервацијата на Скупи.
Главната критика и прашање кое како во улога на новинар Алаѓозовски ѝго постави на Канческа-Милевска е габаритот и цената на проектот за Македонски народен театар. Министерот меѓу другото, обвини и за селективно помагање од страна на министерството на македонските уметници.
Канческа-Милевска изјави дека габаритот на МНТ не е сменет, бидејќи се гради врз основа на маркица и секој кој конкурира мора проектот да го приспособи проектот на истата.
„Никој не може да работи надвор од маркицата, габаритот е истиот кој бил како идејно решение понуден и од претходната влада на СДСМ. Цената на проектот е поголема од 6 милиони евра бидејќи основниот проект е само затворена карабина. Во таа цена не се вклучени други фази во изградбата како сценска техника, машинство, електрика итн. Сите проекти се изведувале јавно со прес конференции и дебати“, прецизираше Канческа-Милевска.
Екс министерката изјави дека сите биле третирани подеднакво од министерството меѓу кои бил и сегашниот министер Алаѓозовски, кој бил подржуван од министерството секоја година како самостоен уметник и во своите проекти во изведувачката и преведувачката дејности.
Според Канческа-Милевска проблемот е во концептите, односно судир на концептите на програма која на избори им била понудена на граѓаните и безидејност од другата страна која само се служи со напади на изграденото.
„До кога новата ‘реформска влада’ ќе се однесува како сѐ уште да е во опозиција и ќе ги напаѓа само проектите на претходната без да понуди свои“, запраша таа.