Канческа-Милевска во работна посета на Италија

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска престојува во Република Италија каде што ќе присуствува на Македонскиот ден во рамките на 45. јубилејно издание на еден од најголемите и најзначајни филмски фестивали за деца и млади во светот,  „Џифони искуство“, кој од 17 до 26 јули се одржува во градот Џифони.

Како што информираат од Министерството во рамките на посетата, министерката за култура ќе оствари работна средба со градоначалникот на градот Џифони, Паоло Русомандо. На средбата на која  ќе присуствуваат и амбасадорот на Република Македонија во Република Италија, Оливер Шамбевски, како и директорот на Агенцијата за филм, Дарко Башески, ќе стане збор и за можностите за соработка во областа на филмската дејност.

Канческа-Милевска ќе ги посети и 12-те млади луѓе од нашата земја кои учествуваат на фестивалот каде што активно творат и учат за филмската уметност, за културата и уметноста. Министерката за култура вечер во салата „Лумиер“ ќе ги поздрави учесниците на претставувањето на македонската кинематографија и култура во рамките на Македонскиот ден на фестивалот „Џифони“. На настанот ќе бидат презентирани четири кратокметражни филмови од најновата македонска продукција, и тоа: „Човекот што имаше чудна навика да ме удира со чадор по глава“ во режија на Вардан Тозија, „Гејм овер“ на Никола Танчевски, „Вистинска приказна за Хансел и Гретел“ во режија на Гоце Цветановски и „Внатре“ во режија на Иван Ивановски.

Манифестацијата „Џифони искуство“ е еден од најголемите брендови на Република Италија на која учествуваат повеќе од 2000 деца од 39 земји од светот кои имаат можност да проследат многу филмови, да го учат и усовршуваат процесот на создавање филм, а истовремено да се дел и од жири-комисија која одлучува за избор на најдобриот филм што се прикажува во рамките на фестивалот.

Република Македонија веќе 14 години е присутна на овој фестивал, а  три години македонската метропола е домаќин и на регионалниот фестивал „Џифони-М“ со кој даваме свој придонес во развојот и афирмацијата на светската кинематографија за млади, како и во развојот на филмската култура на младата популација на меѓународно ниво.