Проектите кои Владата на Република Македонија ги реализира во полето на културата и културното наследство се од исклучителна важност за граѓаните на земјата и за нејзините идни поколенија и генерации.
Ова го истакна министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа-Милевска, во нејзиниот говор во кампот на „Чуварите на демократијата“.
Таа нагласи дека без почит кон својата сопствена култура, без почит кон својата сопствена историја и сето она што го дава нашиот дигнитет не може да постои иднина за Република Македонија.
-Ниедна влада досега нема посветено толку внимание кон нашите историски корени, личности кои оставиле значителен белег за Република Македонија, поддршка кон уметничките вредности кои ги поседуваме, изјави Канческа-Милевска.
Таа изрази благодарност до премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, истакнувајќи дека тој навистина има огромно чувство на припадност и идентитет, оддавање почит на историските корени, на историските вредности и развој, на сето она што претставува наша културна историска и уметничка вредност.
-Би сакала да истакнам дека како никогаш досега се вложува многу во културата, се оддава почит кон сите уметници од најразлична дејност. Водевме сметка кон целокупниот развој без да се занемари ниедна друга дејност. Во делот на заштитата на културното наследство се истражуваше на огромен број на локалитети благодарение на поддршката од Владата и издвојувањето на поголем број на средства во делот на заштитата на културното наследство. Успеавме да истражиме голем број локалитети, се пронајдоа многу вредни артефакти и благодарение на изградбата на новиот Археолошки музеј кој е веќе ставен во функција може да се видат највредните артефакти кои ги поседува Македонија, истакна Канческа-Милевска.
Покрај ова, министерката ја спомена и инвестицијата за изградбата на концертната сала за македонската филхармонија и истакна дека уметниците кои се вработени во нашиот најголем ансамбл заслужуваат да имаат свој сопствен дом.
-Имавме голем број инвестиции во останатите градови во Македонија. Многу е важно да имаме богата културна понуда, а во изминатиот период имавме бројни проекти. Благодарение на соработката со локалната самоуправа секоја година имаме манифестација „Топол културен бран“, каде што на голем број на барања од страна на граѓаните излегуваме во пресрет, изјави министерката.
Министерката го истакна и проектот за обнова на старата градска архитектура, обнова на фасадите кои ја отсликуваат карактеристичната архитектура во сите градови, потенцирајќи дека се работи за навистина голем проект.
-Конечно дојде време на една сериозна партија и сериозна Влада којашто ќе понуди конкретни проекти со конкретни рокови и сето тоа ќе го реализира. Секогаш сум позитивно изненадена кога еден премиер води сметка не само за културата и за проектите, туку и за сите оние проекти кои се наоѓаат во сите министерства, во сите области во однос на подобрување на иднината на Македонија, заклучи таа.
Канческа-Милевска истакна дека со заеднички труд сите заедно можеме да направиме многу за иднината на Македонија и нашите идни поколенија и генерации, потенцирајќи дека е навистина значајно што државата напредува во секој сегмент, во целокупниот развој без никаква задршка или занемарување на одредени области.