Кандидат за претседател на CDU бара одложување на потпишувањето на Маракешкиот договор

Еден од кандидатите за должноста претседател на владејачката Христијанско-демократска унија (CDU), Јенс Шпан, бара одложување на потпишувањето на Мигрантскиот договор на Обединетите нации, познат како Маракешки договор, за партијата на својот конгрес на почетокот од декември да има време прво да расправа и да гласа за овој контроверзен документ.

„Сите прашања во врска со овојј договор кои ги мачат граѓаните мора да бидат отворено дискутирани“, вели Јенс Шпан во разговрот за весникот Bild am Sonntag, и заклучува дека доколку сите прашања не бидат разјаснети, потпишувањето на споменатиот документ треба да биде одложено на неодредено време.

Тој го критикува и досегашниот однос на сојузната влада предводена од неговата актуелна партиска челничка, канмцеларката Ангела Меркел, во којашто тој ја извршува должноста министер за здравство, на темата Глобален договор за регулација на мигарциите на ОН.

„Поради тоа што не ја отворивме дебатата за оваа тема, се стекнува впечатокот кај граѓаните дека нешто сакаме да сокриеме и тоа му штети на самиот договор“, вел Шпан. Притоа бара на партискиот конгрес да се гласа за тоа дали треба да се прифати договорот за миграциите или не.

Шпан додадва дека било очигледно и во текот на дебатата на Трансатлантскиот трговски договор (TTIP), кој поради преговорите кои се одвиваа во тајност наиде на недоверба кај граѓаните.

Јенс Шпан го предводи конзервативното крило во CDU и еден од отворените критичари на бегалската политика на Меркел. Делегатите на CDU во сојузната покраина Саксонија-Анхалт на својата седница во саботата се заложија за тоа германската влада да одбие да го потпише споменатиот договор за миграции.

Глобалниот компакт, своевиден каталог мерки за сигурни, уредени и законски имиграции, познат и како Маракешкиот договор, беше создаден под покровителство на Обединетите нации. Треба да биде потврден следниот месец во Мароко. Процесот на составување на овој документ почна со усвојувањето на Њујоршката декларација за беглаците и мигрантите од 2016 година, којашто ја прифатија 193 земји членки на ОН.

Од оваа спогодба веќе се повлекоа Австрија, САД и Австралија, а најверојатно тоа ќе го сторат и Чешка, Полска и Унгарија, центалноевропски земји членки на Европската унија, кои заедно со Словачка ја сочинуваат ткн Вишеградска група, коишто се противеше и на распределбата на мигрантите според принципот на квоти одреден до Брисел.