Противниците на француската партија Национален собир (RN) ги зајакнаа своите напори да ја спречат победата на крајната десница во вторникот, бидејќи неколку кандидати рекоа дека ќе се откажат од вториот круг викендов за да избегнат поделба на гласањето против RN.
Околу 180 кандидати потврдија дека нема да учествуваат во вториот круг в недела за францускиот национален парламент со 577 места, според проценките на локалните медиуми. Останатите имаат рок до 18:00 часот во вторникот донесат одлука. За мнозинство во парламентот треба да се освојат 289 пратенички места.
Националниот собир, чија стварна лидерка е Марин Ле Пен, постигна добри резултати во првиот круг на гласање во неделата, откако ризикот на предвремените избори на претседателот Емануел Макрон имаше контраефект, оставајќи го неговиот центристички табор на ниско трето место зад набрзина формираниот левичарски сојуз. Сепак, аналитичарите сметаат дека потегот на Макрон всушност имаше за цел да го спречи уште поголемиот пад на неговата партија, како и неговиот личен.
Анкетарите пресметаа дека првиот круг го стави RN на пат да освои помеѓу 250-300 места. Но, тоа беше пред тактичкото повлекување и меѓупартиските апели до гласачите да го поддржат кандидатот најдобро пласиран да го порази локалниот ривал на RN.
„Играта не е завршена“, изјави социјалистичката градоначалничка на Париз, Ан Идалго за France 2. „Мораме да ги мобилизираме сите наши сили“, додаде таа.
Противниците обвинуваат дека Националниот собир е непријателски настроена кон натамошната интеграција во Европската унија, односно предавање на францускиот суверенитет во јурдисдикција на бирократијата во Брисел, и би го намалила финансирањето од ЕУ. Групите за права изразија загриженост за тоа како нејзината политика „Франција на прво место“ и антимигрантската политика ќе се применуваат на етничките малцинства, додека економистите се загрижени за нејзините големи планови за трошење.
„Републикански фронт“
Првично, се зборуваше дека сојузниците на Макрон нема да се повлечат од изборите во локалните изборни единици во полза на подобро пласираните противници, доколку доаѓаат од радикалната левичарска партија Непокорна Франција (LFI) на Жан-Лук Меланшон.
Сепак, Макрон на министерскиот состанок зад затворени врати во Елисејскиот дворец во понеделникот рекол дека главен приоритет е да се спречи Националниот собир да добие моќ и дека кандидатите на LFI може да бидат поддржани доколку е потребно.
Таканаречениот „Републикански фронт“ функционираше и претходно, како во 2002 година кога гласачите од сите делови на политичкиот спектар се собраа зад Жак Ширак за да го поразат таткото на Ле Пен, Жан-Мари Ле Пен, на претседателските избори.
Сепак, не е сигурно дека гласачите деновиве се подготвени да ги следат насоките на политичките челници за кого да гласаат, додека напорите на Марин Ле Пен да го ублажи имиџот на нејзината партија ги дадоа посакуваните резултати.
Во вторникот, Ле Пен го повтори своето тврдење дека RN нема да се обиде да формира влада освен доколку таа и нејзините сојузници немаат функционално мнозинство во парламентот.
„Не можеме да се согласиме да формираме влада ако не можеме да дејствуваме, тоа би било најлошото предавство на нашите гласачи“, изјави Ле Пен за радиото France Inter.
Претпоставувајќи дека ниту една пратеничка група нема целосно мнозинство по неделата, политичарите од целиот спектар предложија различни правци на дејствување за да се доведе до крај мандатот на Макрон.
Премиерот Габриел Атал предложи главните партии од десницата, левицата и центарот да можат да формираат ад-хок сојузи за да гласаат за поединечни закони во новиот парламент. Ксавиер Бертран од централнодесничарската партија Републиканци (LR) во вторникот повика на „привремена влада“ која ќе ја води Франција до следните претседателски избори.
Во случајот на „кохабитација“ меѓу Макрон и владата предводена од Националниот собир, Ле Пен се осврна на медиумските шпекулации дека тој планира да изврши клучни назначувања во јавниот сектор со цел да ја спречи RN да ги спроведе своите политики. Иако не кажа дека има докази дека тоа е така, Ле Пен рече дека секој таков потег би претставувал „административен пуч“.