Кандидатите за пратеници во Грција нема да имаат временски ограничувања во нивните претставувања во медиумите

Меѓупартиската изборна комисија во Грција на вчерашниот состанок едногласно одлучила кандидатите за пратеници за изборите на 25 јуни, во тековниот предизборен период да немаат никакви временски ограничувања во нивното претставување во медиумите, јави дописничката на МИА од Атина.

Оваа одлука на надлежната комисија е поради тоа што следните избори ќе бидат со затворени листи, односно без преференцијален глас.

Од Министерството за внатрешни работи на Грција, надлежно за спроведување на изборите, појаснуваат дека сепак останува во сила пропорционалната распределба на радио и телевизиското време на партиите, согласни изборните резултати од 21 мај 2023.

На вчерашниот прв состанок на Меѓупартиската комисија, со која претседаваше службената министерка за внатрешни работи на Грција, единствена тема биле временските ограничувања при претставувањата во медиумите за кандидатите за пратеници, додека пак за утре е закажана нова средба на која ќе се разгледа можноста за одржување ТВ дебата на лидерите на партиите.