
Кандидатот на суверенистичката противдоселеничка Алтернатива за Германија (AfD) победи на изборите за градоначалник на еден помал град на истокот на земјата, со што оваа партија од крајниот десен спектар извојува уште една победа.
Ролф Вајганд освои 59,4 отсто од гласовите на изборите во неделата, лесно победувајќи ги другите двајца кандидати во Гросширма, град западно од Дрезден. Вајганд е претставник на AfD во покраинскиот парламент на сојузната покраина Саксонија. На изборите за градоначалник се кандидираше како „индивидуален кандидат“, што значи дека AfD официјално не стоеше зад неговата кандидатура.
Изборите во градот со 5.500 жители беа неопходни по ненадејната смрт на долгогодишниот градоначалник Фолкмар Шрајтер на крајот на минатата година.
Вајганд се кандидираше и за градоначалник на претходните избори, но беше поразен од Шрајтер, член на про-бизнис партија Слободните демократи (FDP).
Во градот Пирна, на околу 60 километри источно од Гросширма, Тим Лохнер ја презеде функцијата градоначалник на почетокот на изминатата седмица. Лохнер не е член на AfD, но партијата го кандидираше на изборите.
Главното политичко прашање на AfD е тврдокорниот антиимиграциски став, а партијата профитира од зголемената загриженост на многу германски гласачи за зголемениот број баратели на азил во земјата.
Подемот на AfD во анкетите во текот на изминатата година предизвика вознемиреност меѓу етаблираните партии во Германија и доведе до жестока социјална дебата. AfD сега е втората партија според довербата меѓу Германците, со речиси ист рејтинг колку што имаат вкупно трите партии од владејачката коалиција на канцеларот Олаф Шолц. Во водство се демохристијаните, кои сепак чувствуваат одлив на гласачите во полза на AfD.
Поради ваквито подем на AfD, паријата е под жесток протисок од државните инстуции, судовите и безбедносните агенции кои нејзините ограници ги ставаат на листите екстремистички групи подложни на целосно следење. Истовремено, со помош на мејнстрим медиумите последните месеци сѐ почесто се организираат протестите против крајната десница, насочени во прв ред против AfD, a некои политичари и медиуми дури заговараат забрана на нејзиното дејствување.