Вселенската капсула „Orion“ на американската агенција за вселенски истражувања NASA во понеделникот стаса до Месечината, откако прелета 130 километри над месечевата површина и започна со подготовките за влегување во пошироката орбита.
Капсулата, во којашто наместо екипаж има три кукли со сензори за мерење на вибрациите, космичкото зрачење и другите услови во Вселената, на Месечината и пријде од нејзината „темна страна“ којашто не се гледа од Земјата.
Поради полчасовниот прекин во комуникациите контролорите на летот во Хјустон не знаеја дали движењето на „Orion“ минало добро сѐ додека капсулата не се појави од видливата страна на Месечината, на оддалеченост од 375.000 километри од Земјата.
Откако сигналот повторно бил воспоставен а леталото излегло од другата страна на Месечината, испратена е снимка на Земјата „мала бледосина точка“ во темнината.
Видеоснимката од Месечината и бледосината Земја оддалечена повеќе од 370.000 километри ги оставил без здив вработените во Вселенскиот центар „Џонсон“ во Хјустон, центарот на контролата на мисијата, изјави директорот за надзор на летот Џад Фрилинг, велејќи дека самите контролори на летот биле „апсолутно одушевени“ од виденото.
Капсулата „Orion“ морала да ја обиколи Месечината за да добие доволно брзина за влегување во широката овална орбита на Месечината. Доколку сѐ се одвива според планот, во петок моторите ќе бидат активирани уште еднаш и ќе ја постават капсулата во оваа орбита.
Капсулата во понеделникот стаса до Месечината првпат по 50 години по програмата „Apollo“ на NASA. Летот до Месечината се смета за клучна точка од пробниот лет во износ од 4,1 милијарди долари, започнат минатата среда.
Следниот викенд „Orion“ би требало да го собори рекордот на NASA во оддалеченост на вселенско летало дизајнирано за астронаути, а тоа е оддалеченоста од околу 400.000 километри од Земјата, што го постави мисијата „Apollo“ во 1970 година. Потоа ќе го продолжи летот за следниот понеделник да ја достигне најголемата оддалеченост од Земјата од речиси 430.000 километри.
Капсулата ќе мине речиси една седмица во орбитата на Месечината пред да тргне назад кон Земјата, а слетувањето во Тихиот Океан е планирано за 11-ти декември.
Ракетата „Space Launch System“ (SLS), најмоќната којашто NASA некогаш ја направи, се покажала исклучително со добри перформанси во својот дебитантски пробен лет, изјави за новинарите шефот на мисијата Мајк Сарафин. Додаде и дека стручните тимови сега се занимаваат со две проблема кои барат заобиколни решенија: еден е навигациското следење а другото е прашањето на енергетскиот систем.
Доколку летото со куклите со сензори мине успешно, астронаутите на летот околу Месечината и назад ќе бидат веќе во 2024 година. А доколку и таа мисија мине во ред, слетувањето на две лица на Месечината се очекува во 2025 година.