Караџоски го потпишал решението за пратеници со ковид-19 да можат да дојдат во Собранието

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во вечерашното гостување во „Само интервју“ на Канал 5 рече дека на 18 април добил решение дека може и пратеници со ковид-19 да дојдат на работа.

– Решението е потпишано од доктор Жарко Караџовски од Комисијата за заразни болести. Останувам на тоа дека не е направен никаков прекршок со доаѓањето на двајцата пратеници во скафандер во Собранието. Пратеникот не одговара кривично за зборување во Собранието и за учество во Собранието, бидејќи тоа е уставна категорија. Токму затоа, пратеникот не може да биде попречен во своето работење, па дури и да е прогласена воена состојба – рече Џафери.

Тој истакна дека суспектните пратеници, доколку чувствуваат дека се во можност да дојдат во Собранието, тоа можат да го сторат само доколку им бидат обезбедени соодветни услови.

– Тоа значи дека пратениците со ковид-19 можат да дојдат со свое или со службено возило, а во Собранието се движат по посебна патека без контакт со никого. Доаѓаат во посебна просторија која потоа ќе се дезинфицира – истакна Џафери.