Караџовски: Се планира зголемување на капацитетите за тестирање за ковид-19

Се планира зголемување на капацитетите за тестирање и дијагностика со вклучување на уште три институции во кои ќе може таа да се прави, што ќе го зголеми дневниот капацитет за тестирање за ковид-19, вели претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски.

Тоа значи на сегашните 11 институции за дијагностика се планираат уште три нови со цел да се добијат уште 200 до 300 брисеви дневно, за да се зголеми процентот на брисеви и од 1.500 дневно можеби ќе се дојде и до 2.000 на крајот на календарската година.

„Комисијата за заразни болести и министерот за здравство Венко Филипче имаат подготвено план за проширување на болничките капацитети во 16 градови со формирање Ковид болници за сместување, дијагностика и тријажа на пациенти со ковид-19 со цел целосно да се одвојат од останатите пациенти. Направивме план со формирање на 16 болници, две Ковид болници, што е слично со болницата што ја имаме до Инфективна клиника, во кои ќе имаме сместувачки капацитети, дијагностички капацитети и капацитети за надзор и тријажа, со цел да не влезе пациент во Клинички центар болен со Ковид-19“, рече Караџовски во гостување на ТВ21.