
Фудбалерите на Ливерпул рекорден 14-ти пат ќе се борат за титулата освојувач на англискиот Карабао куп, а пласманот во финалето го обезбедија играјќи 1:1 против Фулам во реваншот од полуфиналниот двомеч одигран на лондонскиот „Крејвен Котиџ“, со што ја одбранија предноста од 2:1 стекната на домашниот стадион „Енфилд“.
Тимот предводен од Јирген Клоп поведе во 11. минута со голот на Луис Дијаз. Фулам израмни во 77. минута, а стрелец беше Иса Диоп. Сепак, домашните не успеаја да постигнат уште еден гол за да ја „анулираат“ победата на Ливерпул во првиот натпревар.
Во вторникот фудбалерите на Челзи стигнаа до своето десетто финале, победувајќи го второлигашот Мидлсброу на својот „Стемфорд Бриџ“ со дури 6:1 за вкупните 6:2.
Финалето на Карабао купот ќе се одигра на 25-ти февруари на националниот стадион „Вембли“ во Лондон. Во него Ливерпул ќе ја бара десеттата титула, а Челзи по шести пат ќе се обиде да триумфира во ова натпреварување.
Последната титула Ливерпул ја освои пред две години, а и тогаш противник во финалето му беше Челзи. Натпреварот остана запаметен по тоа што немаше голови ниту во основните 90 минути, ниту во продолжението од 30 минути, па одлуката за победникот беше решена во удар од 11 метри, и тоа дури во 11-та серија кога тогашниот голман на Челзи, Кепа Аризабалага го префрли голот, што беше единственото промашување во пенал-серијата и воедно решавачко.