Караџовски: На македонското судство не му се потребни памлфет-реформи

На македонското судство не му се потребни памфлет-реформи, имам капацитет да го спроведам она што е зацртано со владината стратегија, рече во четвртокот претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски.

Не ни требаат реформи како памфлет, рече Караџовски, појаснувајќи дека смета оти во Советот за реформи во правосудството во Министерството за правда нема соодветни кадри и дека судиите во него биле номинирани од власта.

Според него, во стратегијата за реформи во праводуството на актуелната власт, Сепцијалното јавно обвинителство (СЈО), како дел од Основното јавното обвинителство на Република Македонија, треба да се внесе час поскоро, а не од 2019 година како што е предвидено.

Најави подобри услови за работа на судиите и службениците, бидејќи нивните плати се на најниско ниво во Европа. Очекува стопроцентно зголемување на платите на поротниците. Апелираше власта да не го крши Законот за судски буџет.

„Ниту ѝ се додворувам, ниту, пак, сум во романтична врска со власта“, рече претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски.

Според него, последниот избор на судиите и претседателите на судови, кога оцената не беше пресудна во донесување на одлуките, е резултат на личниот интегритет на членовите на Советот. Рече, исто така, дека има кредибилитет да ги спроведува реформите во судството, предвидени со стратегијата на ресорното министерство.

„Критиките за работата на Судскиот совет од меѓународните организации се однесуваа само на периодот пред 2014 година“, кога јас не бев на чело на Советот, додаде Караџовски.

Смета дека при изборот на јавниот обвинител била прекршена процедурата во Собранието, иако за тоа е најповикан Советот на јавни обвинители.

Рече и дека не гледа ништо сомнително во менуањето на распоредот од 11 пати од страна на претседателот на Врховен суд, Јово Вангеловски. А извештајот за евентуална злоупотреба на АКМИС системот, Советот не можел да го разгледа поради немањето на безбедносни сертификати на некои членови.