Според поранешниот фудбалер на Ливерпул, Џејми Карагер трансферот на Рахим Стерлинг во Манчестер Сити е всушност одлична зделка на „црвените“, бидејќи добиле огромни пари за фудбалер кој не вреди 49 милиони фунти.
Сагата околу трансферот на овој фудбалер конечно заврши пред два дена, но Карагер верува дека Ливерпул излегол како победник од оваа „игра на нерви“ со „граѓаните“.
„Да имаше освоено Премиерлига или Лига на шампиони, би можело да се каже дека вреди. Но, во овој период од неговата кариера, мислам дека неговата вредност е околу 30 милиони фунти. Тие дополнителни пари дојдоа поради тоа што Сити очајнички бара англиски играчи, а Ливерпул тоа го искористи за да ги „насамари“. Од тој аспект, Ливерпул помина одлично”, објасни поранешниот столб во одбраната на Ливерпул.
Сепак, Карагер нагласи дека Стерлинг има блескава иднина пред него, односно дека најдоброто од него допрва следува.