Каракачанов: Бугарија нема проблем со предлогот „Република Илинденска Македонија“

Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов денеска изјави дека за неговата земја нема проблем една од варијантите за ново име на Република Македонија да биде „Република Илинденска Македонија“.

„Нам не ни пречи. На 1-ви август минатата година потпишавме договор со кој се обврзуваме заедно да ги славиме заедничките празници. Илинден е денот на најголемото востание. Мислам дека ние немаме проблеми со името. За нас е важно кога станува збор за меѓусебните односи да ја нема практиката што ја имаше досега, а тоа е да се краде историјата, да се менува и фалсификува“, рече тој по завршување на обуката на делови од специјалните сили на Македонија и Бугарија во реонот Станке Лисичково.

Прашањето за името, вели, е нешто што треба да го решат Македонија и Грција. Ние, потенцира Каракачанов, само се обидуваме да го помогнеме тој процес, за да се решат проблемите на Балаканот.

„Ако двете земји се договорат за името „Илинденска Македонија“ за нас нема никакви проблеми“, рече Каракачанов додавајќи дека е умерен оптимист по тоа прашање.

Претходно во петок бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева на прашање на дописникот на Радио Слободна Европа за тоа дали предлогот Република Илинденска Македонија е прифатлив за нејзината земја таа изјави дека разбрала оти еден од предлозите во спорот за името е Илинденска Македонија.

Според неа, предлогот е новина и за Бугарија, оти како што посочува петте предлози кои долго беа на масата со години не го вклучуваа Илинденска Македонија.

„Илинденска Македонија на мене ми звучи дека тие препознаваат оти имаме заедничка историја и заедничко минато, бидејќи ова е многу важен дел од бугарската историја и многу важен моментум за нивната историја“, вели Захариева.