Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов објави десетина имиња на истакнати македонски политичари и јавни личности со бугарско државјанство, но на ова остро реагираше ВМРО-ДПМНЕ истакнувајќи дека ниту еден нејзин член нема бугарско држајванство.
Меѓу нив има имиња на луѓе кои се активно вклучени во антибугарската медиумска кампања во Скопје.
Над 120.000 граѓани на Република Северна Македонија во својство на бугарски граѓани ќе имаат право на глас на претстојните парламентарни избори, пишува Красимир Каракачанов, кој е лидер на ВМРО-БНД.
„Избирачките списоци, во кои се запишани сите бугарски државјани, се информации од јавен карактер и секоја бугарска општина е обврзана со закон да ги објави, физички и преку Интернет, сите оние кои имаат право на глас, a живеат на нејзина територија. Овие денови ги разгледав веб-страниците на бугарските општини и површниот поглед на објавените избирачки списоци е доволен за да се најдат многу интересни имиња, сите луѓе од Македонија, кои стекнаа бугарско државјанство врз основа на прогласено бугарско потекло и се самоидентификување како етнички Бугари“, наведе Каракачанов.
Тој додаде дека помеѓу случајните имиња тој прочитал и имиња на познати македонски политичари.
„Меѓу случајните имиња на кои наидов се, на пример: Александар Николоски – заведен во областа Средец – Софија, Антонио Милошоски – заведен во областа Вазараждане – Софија, Никола Мицевски – во Ќустендил, Стефан Андоновски – во Ќустендил, Марија Андоновска – Благоевград, Љупчо Димовски – Ќустендил, Бојан Стојановски – Благоевград, Иван Јорданов – Ќустендил, Игор Здравковски – Ќустендил, Марија Петрушевска – Средец, Дајанчо Ефтимов – Благоевград, Здравко Трајанов – Благоевград, Александар Пандов – Средец, Петар Богојески – Обориште, Филип Петровски – Средец, Стевица Јанева – Петрич и Тало Груевски – Благоевград. Има многу други, но секој што сака може да провери за себе и за кое било друго лице, без оглед дали е од Македонија или не. Секој може сам да провери кои се лицата за кои станува збор“, додаде Каракачанов.
Од најголемата опозициска партија во земјава, ВМРО-ДПМНЕ, пак, најостро ги демантираат наводите кои Красимир Каракачанов ги објавува на својот Фејсбук профил.
Оттаму посочуваат дека ниту еден од посочените функционери на ВМРО-ДПМНЕ нема бугарски пасош.
„Очигледно дека Каракачанов воден од својата антимакедонска политика има за цел да оцрнува и да фабрикува невистини против функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија во Македонија која остро се спротивставува на неговите негации на македонскиот јазик, македонскиот народ, македонскиот идентитет и македонската историја“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека гледаат дека Владата постојано молчи на неговите провокации, како во случајот со објавата на картата на Санстефанска Бугарија, и редица други навреди и изблици на империјализам својствен за 19 век. ВМРО-ДПМНЕ е единстевиот политички фактор кој се спротивставува на ваквата негаторска политика на Каракачанов и оттука е јасна причината поради која тој мора да се служи со лаги. Ако Владата молчи, ВМРО-ДПМНЕ не молчи и тоа многу го боли Каракачанов.
„Но она кое што е симптоматично е што ваквата објава доаѓа токму во време кога владата на Заев, кој самиот има изјавено дека го смета Каракачанов за пријател, се дави во огромни скандали. Ова покажува дека Зоран Заев освен што е во коалиција со мафијата во Македонија е во блиска коалиција и со сите негаторски и антимакедонски сили. Секогаш кога Заев е загрозен од некој скандал, како што е обидот за коруптивна набавка на вакцини, неспособност да се справи со здравствената и економската криза, падот на рејтингот на СДСМ или кога излегува некоја афера како што е набавката на софтвер од страна на Драги Рашковски, се појавува некој лик како Красимир Каракачанов да му фрли гума за спасување“, стои во соопштението од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ им порачаат и на Каракачанов и на Заев дека оваа фрлена гума е од самиот старт издишана и не поминува во јавноста.
„Лагите кои денес Каракачанов ги лиферуваше на својот Фејсбук профил нема да му помогнат на неговиот пријател Зоран Заев. Заев и неговата влада не ги спасува ништо од се поизвесниот крај, ниту спиновите, ниту лагите на Каракачанов“, наведено е во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.