Вчерашното блокирање на еврообврзницата од страна на СДСМ заради, како што велат, незаконитоста на самиот процес, е класичен чин на политичка пресметка што СДСМ ја прави кон власта, а која директно треба да се одрази врз сите граѓани на РМ, и врз меѓународниот углед на земјата, смета универзитетската професорка по уставно право и политички систем, Тања Каракамишева- Јовановска, пишува „Курир“.
Со оваа постапка, смета Каракамишева- Јовановска, самата СДСМ влегува во незаконитост, бидејќи согласно Уставот и Кривичниот законик на РМ, ниту една партија, ниту кој било политичар, или граѓанин во земјата не смеат да ја злоупотребуваат својата политичка и друга позиција, и да ги злоупотребуваат законите заради остварување тесно-партиски или друг вид интереси и цели.
Ова што СДСМ го направи вчера е класично извртување и злоупотреба на Законот за Влада, на Кривичниот законик и на Уставот на РМ заради добивање некакви, замислени од нив, политички поени во јавноста. Се работи за однапред смислен план за блокирање на земјата, за внесување економска, социјална, и друг вид неизвесност меѓу граѓаните, која на крајот, според нивните желби, треба да резултира со граѓанско незадоволство и револт кон Владата, и предизвикување граѓански немири од поголеми размери што треба да одат исклучиво во полза на СДСМ. СДСМ сака да ја втурне земјата во економска неизвесност од која ќе страда цела држава. Преку свесно креирање на таква неизвесност, оваа партија се надева дека ќе си го подигне рејтингот меѓу граѓаните што е дрзок, подол и безобразен гест. Дека во случајот нема ништо незаконско, и дека СДСМ намерно го извртува Законот за Влада говори фактот дека во моментот на поднесувањето барање за издавање на еврообврзницата, како и сега, во РМ не беа, ниту сега се закажани парламентарни избори, и не функционира Влада за спроведување на избори.
Македонија, додава таа, не се наоѓа во предизборен период, како што тврдат од СДСМ. Предизборен период почнува од денот кога одлуката за распишување избори е објавена во „Службен весник на РМ“.
И најголемиот правен лаик во државата знае дека членовите на кои се повикува СДСМ од Законот за Влада се неприменливи во моментов, како и во времето кога било поднесено побарувањето на еврообврзницата. Во Македонија, во моментов, не функционира Влада за организирање избори, туку класична политичка Влада, па оттаму не може да стане збор за примена на чл. 44, 45 и 46 од Законот за Влада кои важат само во услови на закажани избори, и само во услови кога постои Влада за организирање на избори. На техничкиот заменик министер за финансии, како и на останатите министри и заменици од редот на СДСМ, Собранието им ги констатираше поднесените оставки, така што овие министри не се дел од владиниот тим, и тие не можат да потпишуваат или да преземаат какви било дејствија во име на Владата на РМ. Оттаму, нема ни теоретска можност за примена на одредбите од законот што СДСМ ги наведува, вели Каракамишева- Јовановска.
Исто така, додава таа, Владата не го повредува Уставот како што СДСМ тврди. Единствен субјект кој во целиот период работи спротивно на Уставот и на законите во земјата е СДСМ. Убедена сум дека еврообврзницата ќе биде издадена и дека РМ ќе продолжи со реализација и заоружување на капиталните проекти и инвестиции што се од полза на сите граѓани на земјата. Деструкцијата нема да успее.