КАРИЛ функционира нормално, но со намален капацитет, вели директорот Трајановски

-Превентивно од напојување биле исклучени седум респиратори на КАРИЛ, а моментално има 14 респиратори и КАРИЛ функционира нормално, но со намален капацитет. Ниту еден пациент од КАРИЛ не е префрлен во друга установа, а и во други болници има единици за интензивна нега, изјави за Канал 5, доктор Александар Трајановски, директорот на КАРИЛ, кој додаде дека се работи на санација на поплавениот дел.

Претходно денеска министерот за здравство Беким Сали потврди дека се поплавени магацинските простории на КАРИЛ, и дека поради безбедносни причини не се примаат нови пациенти, туку се препраќаат во други болници. Поточно, пациентите од Скопје во ГОБ 8 Септември и во „Наум Охридски“, пациентите од источна Македонија во Клиничката болница Штип, оние од централниот дел од земјава во болницата во Битола, а од западниот се упатуваат во Клиничката болница Тетово.