Шпанскиот возач Карлос Саинс Јуниор ќе биде новиот возач на Ф1 тимот на „Мекларен“, потврдија од британскиот клуб откако нивниот сегашен возач, двократниот шапмион, Фернандо Алонсо објави дека ќе се повлече на крајот од сезонава.
Возбудени сме што Карлос доаѓа во „Мекларен“, бидејќи ја следиме неговата кариера долго време и го цениме како еден од најталентираните млади возачи во Ф1. Тој има совршена комбинација на младост и искуство, со нас ќе ја стартува петтата сезона во спортот, а веќе работеше и со нашиот партнер „Рено“, изјави директорот на „Мекларен“, Зек Браун.
Саинс(23), кој е син на легендата на рели трките, Карлос Саинс, сезонава вози за „Рено“, каде е позајмен од „Торо росо“, каде ја почна Ф1 кариерата како производ на академијата на „Ред бул“.
Не се познати финансиските детали на договорот,а од „Мекларен“ рекоа дека Шпанецот потпишал повеќегодишен ангажман.
Екстремно сум среќен и горд што можам да објавам дека ќе се приклучам на семејството на „Мекларен“ следната година. Вистинско остварување на сонот е да се вози за таков легендарен тим, вели Саинс.