Над 40.000 квадратни метри државно земјиште кај касарната „Илинден“ ќе бидат продадени од Општина Карпош, а на просторот потоа ќе може да се градат згради, откако советниците на вчерашната седница ја изгласаа одлуката, пренесе „СДК.мк“.
На јавна лицитација ќе се продаваат 11 градежни парцели, а според ДУП-от од 2018 година, донесен во времето кога градоначалник беше Стефан Богоев од СДСМ, зградите ќе може да бидат од приземје, пет ката и поткровје, со височина од 21 метар. Во планот има и маркички за изградба на ново училиште, објекти наменети за амбасади, како и објекти за потребите на Министерството за одбрана.
За одлуката гласаа осуммина советници од СДСМ, двајца од ГРОМ, еден од Демократска партија на Србите и еден советник од ВМРО-ДПМНЕ, кој излезе од советничката група. Против беа четворица советници од Левица и двајца од „Независни за Карпош“, додека петтемина советници од ВМРО-ДПМНЕ беа воздржани.
Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски вели дека нема ништо спорно, бидејќи со ова се овозможува Карпош да се шири кон периферијата и се намалува притисокот за градење во урбаниот дел од општината.
„Истите тие советници од ВМРО-ДПМНЕ кои сега не гласаа, во 2018 го гласаа овој план и го фалеа дека со него ќе се овозможи ширење кон периферијата. Постапката ќе се врши транспарентно на јавна лицитација, односно кој понуди највисока цена, ќе го купи земјиштето“, вели Јакимовски.
Против продажбата на државното земјиште беа советниците од „Независни за Карпош“.
„Да, Карпош треба да се шири во тој дел, но не со отуѓување на градежно земјиште или ако веќе се отуѓува, со услови за многу повеќе зелени и јавни површини, а не сѐ што е општествено да се продаде“, вели советничката Татјана Стојановска од „Независни за Карпош“.
ДУП-от за касарна Илинден беше донесен во 2018, во мандатот на Стефан Богоев.