Пратеникот Кастриот Реџепи од Движењето Беса за денеска во 11.30 најави прес конференција на која ќе објасни каде е од четвртокот откако тој ден поради неговото непојавување во Собранието на клучната седница за гласање на недоверба на владата на Заев, пропадна обидот на опозицијата да формира ново парламентарно мнозинство.
Реџепи од четвртокот преку постови и видео се обрати во неколку наврати до јавноста откако неговите сопартијци како и партиите од новото парламентарно мнозинство во формирање, соопштија дека тој е можеби киднапиран, па случајот го пријавија во полиција.
Откако пропадна обидот за формирање на ново парламентарно мнозинство од опозициското јадро и соборувањето на владата на Зоран Заев, Движењето Беса го исклучи Реџепи од своите партиски редови.
-Почитувани пријатели и семејство, без разлика на вашите политички убедувања. Ви благодарам за грижата и поддршката што ми ја давате. Следниве денови ќе имаме можност подиректно да се информираме за се. Во однос на медиумите и интересот ги разбирам и ги информирам дека мојот прв настап ќе биде во понеделник преку прес-конференција. На крајот апелирам до раководството на Движењето БЕСА да не презема забрзани чекори кои ќе им наштетат на нашите структури и активисти. Треба да се постапува внимателно“, напиша Реџепи на неговиот приватен профил на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Кастиот Реџепи потврди дека бил мета на закани и чека, на „безбедно место“ да поминат сите ризици за да излезе пред јавноста со деталите за своето „исчезнување“.
Како причина зошто не остана дел од договореното опозициско парламентарно мнозинство наведе дека постапил така како одговорен политичар зошто што „на државата во овој значаен период не ѝ треба политичка криза и потопување во турбулентни води полни со непознати“.