Заедно за Каталонија (JxCAT), партијата на поранешниот каталонски претседател Карлес Пучдемон кој е во егзил, е клучната за формирање на новата влада во Шпанија откако на парламентарните избори во неделата ниту левиот ниту десниот блок не освоија доволен број пратеници за управување со земјата.
Левичарскот блок партии освои 172 а десничарскиот 170 мандати во парламентот со 350 пратеници. За составување на владата е потребна поддршка од најмалку 176 пратеници.
Партијата Заедно за Каталонија, којашто заговара независност на богатата североисточна покраина, доби седум пратеници, па така може да ја донесе предноста на еден од двата идеолошки спротиставени блока.
Иако станува збор за партија на десниот центар, нејзината главна цел е независноста на Каталонија, туристичкиот, индустриски и финансиски мотор на шпанската држава, па е во постојан конфликт со шпанската десница која инсистира дека не може да се дискутира за нарушување на целоста на Шпанија. Поради тоа, Заедно за Каталонија може да му овозможи на досегашниот социјалистички премеир Педро Санчез да дојде до доволниот број пратеници, сметајќи го неговиот став во врска со каталонското прашање поблаг.
Меѓутоа, оваа каталонска партија во понеделникот ја услови својата поддршка со давање амнестија за осудените и гонети организатори на референдумот од крајот на 2017 година кој го забрани Уставниот суд во Мадрид, меѓу кои е и Пучдемон, како и со самоопределување на Каталонија, што значи организирање договорен референдум.
Жорди Туруљ, генерален секретар на Заедно за Каталонија, изјави за каталонското радио RAC1 дека во моментов не гледа можност за формирање влада во Шпанија.
Народната партија (PP), којашто поединечно освои најмногу пратеници – 136 наспроти досега владејачката Шпанска социјалистичка работничка партија (PSOE) која освои 122 мандати, прва следниот месец ќе се обиде да обезбеди поддршка од другите партии, но ниту со сродните партии, меѓу кои е и крајно десната Vox којашто освои 33 мандати, не може да дојде до неопходните минимални 176 пратеници.
Доколку нејзиниот челник Алберто Нуњез Фејхо остане без поддршка за формирање малцинска влада, што е многу веројатно во овој момент, редот ќе дојде до премиерот на заминување Педро Санчез од социјалистите. Во тој случај, доколку Заедно за Каталонија ја поддржи PSEO којашто изгледно ќе коалицира со левичарската коалиција Sumamos која освои 31 мандат, или, пак, остане воздржана, Санчез ќе добие нов четиригодишен мандат.
„Треба на Санчез да му се постават услови коишто би оделе кон амнестија и самоопределување. Притисокот треба да оди во тој правец“, истакна Жорди Туруљ.
Меѓутоа, левичарската коалиција на Санчез пред изборите објави дека нема да дозволи референдум во Каталонија, бидејќи е спротивен на шпанскиот устав. Меѓутоа, го олабави кривичниот законик заменувајќи го терминот „бунт“ со „кршење на јавниот ред“, ублажувајќи ги казните за осудените организатори на контроверзниот референдум кога имаше и насилства по интервенцијата на полицијата доведена од Мадрид и кога владата ги одзема ингеренциите на покраинската влада.
Народната партија, којашто беше на власт пред шест години во текот на обидот на отцепување на Каталонија кога нејзината независноста како засебна Република Каталонија беше прогласена и во покраинскиот парламент, пред неделните избори најави дека ќе го разгледа враќањето на построгиот кривичен законик доколку дојде на власт.
Карлес Пучдемон, чија влада го органзираше референдумот за независност во октомври 2017 кој го забрани Мадрид, моментално е во егзил во Белгија но често гостува и во други земји членки од Европската унија. Шпанскиот суд бара од Брисел да му биде испорачан, но засега како и во други случаи со каталонските сепаратисти не успева во тоа.
Шпанија, којашто претседава во моментов со Европската унија, до октомври мора да добие влада, во спротивно ќе бидат распишани нови парламентарни избори.