Жителите на Каталонија коишто гласаа на референдумот за независност од Шпанија, кој инаку Мадрид го прогласи за незаконски, го добија своето право на суверенитет, изјави каталонскиот претседател Карлес Пучдемон ноќта кон понеделникот.
„Денеска беше денот на надежите, а граѓаните на Каталонија го добија своето право да станат независна држава, уредена како република. Го освоија своето право на суверенитет“, изјави Пучдемон во специјалното телевизиско обраќање.
„Затоа, во текот на следните неколку дена резултатите од референдумот ќе бидат проследени до парламентот на Каталонија за носењето одлука во согласност со законот за референдум“, истакна каталонскиот претседател.
Пучдемон ѝ се обрати и на Европската унија порачувајќи дека Каталонија „повеќе не е внатрешно прашање“, како и дека Шпанија со своето „однесување ги напаѓа нејзините основни принципи“.
„Европската унија повеќе не може да гледа на друга страна“, истакна Пучдемон додавајчи дека Шпанија испишала „срамна“ страница во односите со североисточната покраина.
Пучдемон, исто така, рече дена Европската унија не смее да ги игнорира кршењето на човековите права од страна на шпанската полиција за време на судирите со Каталонците. „Европската унија не може и натаму да ја игнорира оваа ситуација. Ние, народот на Каталонија, изјавуваме дека денеска човековите права беа кршени“, додаде.
Истовремено каталонскиот челник изјави дека е подготвен за дијалог со шпанската влада под услов дој да биде „воден со почитување на каталонскиот народ“, „И ние сме отворени за предлозите за споредување, коишто може да ни помогнат на тој пат“, додаде Пучдемон.
Им се заблагодари на граѓаните кои излегле на гласањето, во прв ред на повредените.
Од своја страна, претседателот на националното собрание на Каталонија, Хорди Санчес го повика Пучдемон да ја прогласи независноста на автономната покраина. „Се надеваме дека владата ќе и овозможи набрзо да ги видиме активностите за заштита на раѓањето на новата каталонска република“, изјави Санчез.
Како што беше претходно најавено, Пучдемон треба да ги испрати резултатите од референдумот во парламентот на Каталонија за да се примени одредбата според којашто доколку победи гласот за „Да“ треба да биде прогласена независност.
Иако резултатот од референдумот сѐ уште не е познат, сосема е изгледно дека победиле поборниците на независноста, бидејќи токму тие најмногу се трудеа во организирање на гласањето, додека противниците главно не излегоа откако судот го забрани. Впрочем и последните парламентарни избори во Каталонија покажаа дека заговорниците за независноста се во мнозинство, бидејќи партиите кои се залагаа за отцепување во предизборната кампања пред речиси две години и од десниот и од левиот политички спектар имаат мнозинство во парламентот и досега донесоа низа закони коишто доведоа до одржувањето на референдумот и го започнаа процесот за фискалното осамостојување на покраината.
Претходно вечерва шпанскиот премиер Маријано Рахој ја повика каталонската влада „да се откаже од нови чекори кои не водат никаде“. Шпанскиот уставен суд го поништи законот за референдум донесен во каталонскиот парламент и изјаснувањето го прогласи за незаконски, повикувајќи се на уставните одредби дека референдум може да се спроведе само на целата територија на земјата, донесени пред речиси педесет години.
Шпанската Цивилна гарда и интервентната национална полиција во текот на заземањето на 92 училишта со гласачки кутии, а гласањето беше организирано на 2.315 избирачки места, ги растеруваше со умени куршуми и палки граѓаните кои со своите тела го бранеа избирачкиот материјал. Притоа се повредени се 844 лица, од кои 33 полицајци. Приведени се само четири лица, од кои едно е малолетно.
Групите кои се залагаат за независност на Каталонија и синдикатите најавија генерален штрајк во вторник во знак на протест против полициската акција насочена против референдумот, но за да го искористат еланот на луѓето искажан во неделата. На штрајк повика Хорди Сиуксарт, претседател на организацијата Ониум Културал.
Каталонија е индустриски и туристички најразвиената покраина на којашто отпаѓа околу 20 отсто од бруто домашниот производ на Шпанија. Досега нејзиното раководство забележуваше дека повеќе дава во заедничката каса отколку што добива назад, иако Мадрид тврди дека тоа е обратно, особено во периодот на тешката финансиска криза за што пак Барселона возвраќаше дека не би ја почувствувала доколку не била поврзана со шпанската економија.
Градоначалничката на Барселона, Ада Колау ја критикуваше полициската акција. „Како градоначалничка на Барселона бараме моментално запирање на полициската акција против невооружениот народ“, изјави откако гласаше на реферндумот.
Шпанскиот премиер Рахој, пак, рече дека полициската акција била во согласност со законот, и дека за тоа е исклучиво виновна каталонската влада бидејќи „го промовираше кршењето на законот“.