Катар ја преиспитува својата улога како посредник во разговорите за прекин на огнот меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, наведувајќи ја загриженоста дека неговите напори се поткопани од некои политичари да се освојат политички поени, изјави во средата премиерот на земјата.
Шеикот Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани, кој е и министер за надворешни работи, рече дека имало „злоупотреба на посредувањета за тесни политички интереси, и тоа бара Катар да ја преиспита својата улога“. Шеикот ал-Тани притоа не именуваше ниту еден политичар.
Амбасадата на Катар во Вашингтон во вторникот ги критикуваше коментарите на американскиот демократски конгресмен Стени Хојер, кој ги повика САД да ги „преиспитаат“ своите односи со Катар. Хојер во понеделникот рече дека Катар мора да му се закани на Хамас со „реперкусии“ доколку милитантната палестинска група „продолжи да го блокира напредокот кон ослободување на заложниците и воспоставување привремен прекин на огнот“.
Некои други американски пратеници сугерираа во последниве месеци дека Катар го поддржува Хамас, обвинение кое го негираше заливската држава во којашто се стационирани околу 10.000 американски војници, најголемиот американски воен контингент на Блискиот исток.
Шеикот Мохамед во средата подвлече дека улогата на посредник има граници: „(Посредниците) не можат да обезбедат работи од кои самите страни се воздржуваат (да ги понудат).
Претходно во средата, шеикот ал-Тани рече дека разговорите за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците се во „деликатна фаза“. „Се обидуваме колку што е можно повеќе да го решиме овој камен на сопнување“, додаде тој, без да даде дополнителни поединости.
Катарскиот премиер, исто така, ја осуди, како што рече, политиката на „колективно казнување“ што ја спроведува Израел во војната во Појасот Газа против Хамас, како и последната ескалација на насилството на Западниот брег, окупиран од Израел.
Дискусиите за прекин на огнот, со посредство на Катар и Египет, се одржуваат во заднината на хуманитарната катастрофа во Појасто Газа, каде што Палестинците страдаат од сериозен недостиг на храна, лекови и други основни работи.