Катар ја разгледал листата со барања упатени до оваа земја од страна на четирите сунитски арапски земји, неопходни за нормализирање на меѓусебните односи, но малиот но богат и влијателен емират во Персискиот залив овие услови ги оцени како неразумни и неостварливи, соопшти катарската влада.
Барањата упатени од Саудиска Арабија, Египет, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати предвидуваат 13 точки, меѓу кои се бара Катар да ги прекине сите врски со панарапското исламистичко движење Муслиманско братство и со други групи како лобанското шиитско движење Хезболах, и екстремните сунитски мрежи Ал Каеда и Исламска држава, кои се сметаат за терористички групации.
Според листата на барања, Катар треба да се откаже од натурализација на граѓани на четирите земји и да ги протера тие кои се на негова територија. Предвидено е и Катар да ги предаде сите лица по кои е распишана потерница во Саудиска Арабија, Египет, Обединети Арапски Емирати и Бахреин под обвинение за тероризам; да го запре наводното финансирање на екстремистичките организации, прогласени за терористички од страна на САД, како и да достави информации за опозиционерите.
Што се однесува во делот за шиитски Иран, се наведува дека Катар треба да ги затвори дипломатските претставништва во Иран и да ги протера сите членови на елитниот ирански воен Корпус на гардата на Исламската револуција и да тргува со Техеран во согласност со американските санкции.
Во барањето за затворање на телевизијата Al Jazeera, чие седиште е во Доха, се посочува дека Катар треба да ги затвори сите филијали на сателитскиот телевизиски канал. Тоа значи и затворање на редакцијата на англиски јазик. Соседите на Катар ја обвинуваат Al Jazeera дека поттикнува нереди во регионот и го поддржува Муслиманско братство.
Претходно, Саудиска Арабија, Египет, Обединети Арапски Емирати и Бахреин ги прекинаа врските со Катар поради поддршка на тероризмот, обвинение повторено и од претседателот на САД, Доналд Трамп. Арапските држави поставија рок од десет дена за исполнување на барањата, во кои е вклучена и исплата на непрецизирана сума на отштета.
Во соопштението на катарската влада се потсетува дека државниот секретар на САД Рекс Тилерсон ги повикал Саудиска Арабија и другите три земји да состават листа со разумни и исполнителни барања кон Катар.
„Оваа листа не ги исполнува овие критериуми”, се истакнува во соопштението.