Катарскиот емир, шеикот Тамим бен Хамид ал-Тани вети во средата дека неговата земја ќе инвестира во Турција 15 милијарди долари, во текот на средбата со Реџеп Тајип Ердоган, соопшти кабинетот на турскиот претседател.
Ваквиот потег всушност претставува помош за турската економија којашто е ослабена со остриот пад на вредноста на турската лира поради дипломатската криза со САД и воведувањето на меѓусебните санкции на релација Вашингтон – Анкара.
Емирот ал-Тани на средбата со Ердоган рекол дека „Катар набрзо ќе подготви програма во износ од 15 милијарди долари наменета на Труција“, се истакнува во соопштението.
„Темелите на турската економија се цврсти и Турција од ова ќе излезе зајакната“, објави на Twitter Ибрахим Калин, портпарол на турскиот претседател.
Катар значително се приближи на Турција, откако изби дипломатската криза меѓу оваа земја со Саудиска Арабија и другите сунитски арапски земји. Доха, инаку, добро соработува со САД, иако тие односи се заладени.
Кризата околу Катар започна на 5-ти јуни 2017 кога Бахреин, Египет, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Саудиска Арабија ги прекинаа дипломатските односи со Доха и воведоа блокада и санкции кон земјата, обвинувајќи ги катарските власти за поддршка на тероризмот и на исламските екстремисти. Властите во Доха ги отфрлија ваквите обвинувања, тврдејќи дека овие мерки се одмазда на Саудиска Арабија поради пријателските врски и соработка на Катар со нејзиниот регионален ривал Иран.
Напорите на неколку земји, меѓу кои и Кувајт, САД и Турција, за надминување на кризата досега не дадоа резултати.
Откако Саудиска Арабија и ОАЕ ги затворија своите копнени граници кон Катар, во земјата се појави недостиг на храна и основни намирници, по што Турција и Иран почнаа да и доставуваат прехранбени продукти на државата.
Турција, покрај тоа, тогаш го одби барањето на четирите арапски земји од Персискиот залив да ја затвори својата воена база во Катар, тврдејќи дека таа база е гаранција за безбедноста во регионот и дека барањето за нејзиното затворање претставува мешање во односите на Анкара со Доха.