Катар и Египет неодамна им се заканија на високите лидери во Хамас дека би можеле да се соочат со апсење, замрзнување на имотот, санкции и протерување од Доха – доколку не го прифатат предложениот договор за ослободување заложници во замена за прекин на војната, објави „Волстрит журнал“.
Мохамед ал Хинди, висок член на Исламскиот џихад, негираше какви било закани за весникот „Ал Мајала“, што е во сопственост на Саудиска Арабија.
Заканите беа упатени по инструкции на администрацијата на Бајден која бараше договор за прекин на огнот. Во повикот во понеделникот, Бајден го повика катарскиот водач шеикот Тамим бин Хамад ал Тани „да ги искористи сите соодветни средства за да обезбеди договор со Хамас“, се вели во соопштението од Белата куќа.
Хамас сè уште го отфрла договорот, бидејќи според него овој договор „не гарантира крај на војната во првата фаза“. Шефот на ЦИА, Вилијам Барнс, побара од Катар и египетските претставници да се погрижат Исмаил Ханије, шеф на политичкото биро на Хамас, дека земјите посредници ќе гарантираат дека преговорите за прекин на борбите ќе започнат на третата недела од првата фаза и дека условите ќе бидат договорени до петтата недела.
Ханије, наводно, го отфрлил предлогот и рече дека Хамас ќе се согласи со договорот само доколку Израел се обврзе на постојан прекин на огнот. Премиерот Бенјамин Нетанјаху јавно изјави дека Израел нема да се согласи да ја прекине војната.
Ова не е првпат Катар да ѝ се заканува на терористичката група со протерување на нејзините водачи кои престојуваат во заливската земја во изминатата деценија. Во март високи катарски функционери ги предупредија претставниците на Хамас дека може да бидат исфрлени, доколку го отфрлат договорот за прекин на огнот. Но, според Си-Ен-Ен, тоа предупредување сега се претвори во веродостојна закана.
„Тие знаат дека Катар нема да има друга опција освен да ги протера, доколку тоа го побара администрацијата“, изјави за Волстрит журнал висок функционер вклучен во разговорите.