Катарската компанија „QatarEnergy“ работи на зголемувањето на производството на гас во услови на засилена глобална побарувачка, но оваа зима нема да го пренасочува во Европа својот течен природен гас (LNG) договорен со азиските купувачи, предупреди извршниот директор Саад ал-Кааби.
Катар е меѓу водечките светски извозници на течен гас, а неколку европски држави се обидуваат со преговори да издејствуваат повеќе гас за да обезбедат замена за количествата кои ги увезуваа од Русија а сакаат да се откажат од нив, и да ја отстранат кризата со снабдувањето на енергенсот.
„Договорите за Катар се апсолутно свети… Значи, кога со азиски или европски купувач ќе потпишеме договор, ние го почитуваме. Во Европа ќе биде испорачано договореното количество. Но гасот нема да се зема од азиските купувачи и да се испраќа во Европа“, изјави за новинарите извршниот директор на „QatarEnergy“, Саад Шерида ал-Кааби, кој воедно е и катарски министер за енергетика.
Катар сака да ја зацврсти позицијата главен снабдувач на Европа со течен гас, а потребите на континентот се големи имајќи предвид дека рускиот гас сочинуваше речиси 40 отсто од увозот на континентот. Катарскиот план „North Field“ вклучува зголемување на капацитетите за претворање на гасот во течна состојба до 2027 година од 77 милиони тони на 126 милиони тони годишно.
Катарскиот произведувач на гасот потпиша годинава договори со европските компании „TotalEnergies“, „Shell“, „Exxon“, „ConocoPhillips“ и „Eni“ за продажна на уделот во проектот за проширување на производството на течниот гас, а годинава планира да стане и најголем светски трговец со LNG.
Во септември „QatarEnergy“ го назначи францускиот „TotalEnergies“ за прв партнер во проектот „North Field South“, во кој покрај овие две компании се вклучи и јапонската „Marubeni“.
„Total e многу важна компанија за нашето овдешно партнерство. Меѓународно сме заедно во многу области, како што се истражувањата, а наскоро ќе нѐ видите заедно уште повеќе такви“, додаде ал-Кааби на свеченоста на отворањето на фотонапонскиот систем во Ал Карсааха.