Катар вечерва соопшти дека посредувал за договор помеѓу Израел и Хамас, за да се овозможи испорака на лекови за повеќе од сто израелски заложници во Појасот Газа.
Катар наведе и дека дополнителни камиони со помош ќе бидат доставени до Палестинците во Појасот Газа согласно договорот.
Тоа е прв договор помеѓу завојуваните страни по седумдневниот прекин на огнот кон крајот на ноември.
Хамас зеде заложници во прекуграничната операција во јужен Израел извршена на 7 октомври, по што започна војната.
Заложниците не се посетени од претставници на Црвениот крст и на многумина, меѓу кои и неколку постари лица, им се потребни лекови.
Катар наведе дека договорот е постигнат со помош на Франција, а лековите се очекува да биде испорачани утре.