Компанијата „QatarEnergy“ планира да го удвои производството на уреа бидејќи очекува „експоненцијален“ раст на побарувачката за вештачки ѓубрива, изјавија во неделата на прес-конференција министерот за енергија на Катар и извршниот директор на гасниот гигант.
Благодарение на четирите нови производни линии, компанијата ќе го зголеми производството за 106 отсто, изјави Саад ал-Кааби. Според него, првата производна линија ќе биде пуштена во употреба пред 2030 година.
„QatarEnergy“ моментално произведува шест милиони тони уреа годишно, а планира да го зголеми производството на повеќе од 12,4 милиони тони годишно.
„Заклучивме дека побарувачката за уреа за производство на храна ќе расте експоненцијално бидејќи светот ќе добие уште 1,5 до две милијарди нови жители во следните 20 до 30 години, судејќи според сегашната стапка на раст“, објасни шефот на „QatarEnergy“.
Истакна и дека работите на проширување на капацитетот за производство на гас на наоѓалиштето Северно поле се одвиваат во дадените рокови. Капацитетите на најголемото наоѓалиште на гас во светот, кое Катар го дели со Иран, треба да бидат речиси двојно зголемени.
Министерот, исто така, најави изградба на трета соларна централа, во регионот Духан, што ќе го удвои производството на електрична енергија во Катар од соларна енергија на 4.000 мегавати до крајот на деценијата.