Во врска со настаните поврзани со издавањето на копие за нумерички податоци од Агенцијата за катастар на недвижности до Министерството за транспорт и врски, кои се однесуваат на парцелата спроти НБРМ, од Агенцијата за катастарот за недвижнини информираат дека Секторот за контрола и надзор при агенцијата изврши увид и контрола во предметите и податоците од службената евиденција при што се констатира дека при постапувањето по предметите направени се одредени пропусти од страна на пет вработени лица.
„Од извршената контрола составен е записник кој е доставен до директорот на Агенцијата, од кој произлезе дека двајца државни службеници вработени во Агенцијата, постапувајќи по пријавите за запишување на промените не ги исцртале промените на катастарскиот план веднаш по донесувањето на потврдата за запишување на промени, еден државен службеник во постапката на запишувањето на правата направил погрешна идентификација, односно не ги користел податоците од катастарот на недвижностите кои во моментот на постапувањето по барањето биле во важност, еден вработен во постапка при изготвување не ги користел податоците од катастарот на недвижностите кои во моментот на постапувањето по барањето биле во важност, а еден вработен заверил и одобрил со свој потпис копие за нумерички податоци изготвени врз основа на неточни податоци кои што се доставени до Министерството за транспорт и врски“, стои во соопштението од Катастар
Утврдените пропусти, како што се наведува, претставуваат дисциплински престап – неизвршување односно несовесно и небрежно вршење на службената должност како и издавање на неточни податоци на државните органи, во конкретниот случај на Министерството за транспорт и врски, а кои предизвикаа потешка повреда на угледот на службата, односно на Агенцијата за катастар на недвижности.
„Имајќи го предвид погоре наведеното поднесена е Иницијатива за покренување на дисциплинска постапка, а согласно Законот за државни службеници изготвени се поединечни предлози за покренување на дисциплински постапки од страна на непосредно претпоставените раководители, и формирана е Комисија за спроведување на дисциплинска постапка која согласно Законот и Правилникот за начинот на водење на дисциплинска постапка ќе преземе понатамошни дејствија. Истовремено поднесена е и пријава до Основното јавно обвинителство поради постоење на основано сомнение за извршени кривични дела против службена должност“, стои подолу во соопштението.