Иако, проектот на Владата за легализција на дивоградбите има многу позитивни реакции кај граѓаните, кои досега немаа можност како да станат вистински сопственици на својот имот изграден и пред неколку децении, сепак, новиот дигитален катастарски премер во голем број случаи е во конфликт и со оваа процедура.
На истото место каде што сега имаме семејна куќа, во минатото имало барака која се водела на име на мојот дедо и истата е срушена уште во 80-тите години. Катастерски во имотниот лист до пред извесно време стоеше дека постои само барака од 50-тина квадрати, иако семејната куќа е изградена уште во 80-тите. Кога дојде до физичка делба, требаше да се дели само бараката, односно само долниот кат, иако и другите два ката од куќата постојат веќе 30 години. Практично, другите два дела иако веќе биле впишани, од град Скопје доаѓа сметка за данок за трикатна куќа, истите не беа впишани во имотниот лист. Исто така, и куќата и бараката се на име на истото лице што е починато пред 20 години, а неговите наследници и до ден денешен неможат да го спроведат процесот за физичка делба. Ни беше советувано деа куќата можеме да ја легализираме со меѓусебен нотарски договор на сите сопственици, но сеуште не можеме да постигнеме договор поради нарушени семејни односи, а се пори тоашто со новиот премер во катастерот е впшан само стариот објект, а куќата не постои, се жали скопјанката Ивана И.
Неефикасноста на институциите да ги решаваат новонастанатите проблеми е дополнителна иритантна компонента, која, се разбира, секогаш оди во корист на страната која узурпира туѓ имот. А, тоа не се случува ретко, бидејќи има примери на парцела кое со денационализација е вратена на сопственикот, веќе да се изградени објекти, кои во меѓувреме станале легални и не може да се урнат.
Но, има и случаи кога приватни парцели, со новиот премер се во државна сопственост, а бројни се и поплаките до надлежните институции кога од повеќе парцели се направени како една, а со тоа и повеќе куќи кои биле на тие парцели се ставени под еден број. Ваквите проблеми можат да се влечкаат по судски пат со години.
Дигиталниот премер правен врз грешна основа?!
До 2010 година на сила беше катастарскоит премер од Кралството Јудославија од 1935 година. Со стапување на сила на новиот премер кој датира главно од 1982 и од 1990 година, а стапи на сила во 2010 година, дојде до неусогласување на катастарските парцели од стариот и новиот премер како резултат на интензивна градба во последниве 30 години. Една од главните причини е тоа што оградите се ставани со меѓусебен договор на граѓаните а делбите не се спроведувани во Катастарот. Овој проблем е особено изразен во дивоизградените населби во урбаниот дел на општината и во руралниот дел, појаснуваат од Општина Ѓорче Петров.
Оттаму велат дека е тешко да се добие точен податок за бројот на проблематични парцели, затоа што сопствениците за одредени неправилности дознаваат по поднесување на барање за решавање на некој проблем од имотно правен аспект.
Горенаведените проблеми од имотно правен аспект, предизвикуваат проблем при постапката за легализација на бесправно изградените објекти, бидејќи во Законот за легализација на бесправно изградени објекти стои дека ако во Имотниот лист на барателот како сосопственик на парцелата се појавува друго лице, тогаш барателот е должен да обезбеди нотарска изјава од сосопственикот на парцелата, дека се согласува барателот да го легализира бесправно изградениот објект на свое име иако се наоѓа на дел од негова парцела. Понекогаш и оваа постапка е тешко решлива заради одредени проблеми: смрт на сосопственикот кој се појавил на имотниот лист, нерешени оставински односи и така натаму, велат од опшината.
За решавање на ваквите проблеми и подетално информирање на граѓаните, Катастарот и Општините неколку пати во годината организираат и „Отворени денови на Катастарот“. Општините се изземаат од решавања на споровите, кои се произлезени од дигиталниот катастарски премер и упатуваат на надлежноста на Агенцијата за катастар на недвижности. Па така, излегува дека граѓаните неможат да си ги решат проблемите од хаосот кој го создала Агенцијата за катастар и недвижности.
За тоа како реагираат на жалбите од граѓаните кои се оштетени на некој начин ид дигиталниот катастерски премер, од скопската општина Кисела Вода, потврдуваат дека секои измени во имотната состојба, на било кој сопственик, има влијание во решавањето на поединечните предмети за легализација.
Со секоја настаната промена, Општина Кисела Вода се справува поединечно во зависност од специфичностите на промената. Не можеме да посочиме одреден проблем кој постојано се повторува и за истиот да е направен модел за негово решавање, посочуваат од општина Кисела Вода.
Инаку, овие проблеми ги потврдуваат и од многу приватни геодетски фирми, кои не сакаат да зборуваат јавно бидејќи се плашат дека Агенцијата за катастар и недвижности може да им ги одземе лиценците за работа.
„Нетпрес“ контактираше неколку вакви фирми, и сите ни дадоа ист одговор – дека имаат голем број вакви предмети, дека грешаката е во дигиталниот премер на Катастарот, но дека тоа не можат да ни го кажат официјално, бидејќи се плашат да не ја загубат лиценцата за работа. Сите се едногласни, дека овие проблеми може едноставно да се решат и тоа со корекција, на основ на старите премери.
Граѓаните разочарани што се вплеткани во проблеми поради туѓи грешки велат дека Агенцијата за катастар и недвижности само се фали по медиумите дека нешто е сработено и модернизирано, но, според нив, на терен ништо не функционира како што треба, освен проблемите кои ги предизвикала.
Во 2014 година Агенцијата за катастар на недвижности го означи почетокот на проектот за дигитализација на катастарските планови и нивно усогласување со базата на податоци во електронскиот катастар, но по се’ изгледа дека овој проект само предизвика вистински хаос за граѓаните и ги заглави низ правните лавиринти, караници меѓу соседи, па дури и судски спорови.