![Dramski teatar](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2019/09/Dramski-teatar.jpg?resize=640%2C352&ssl=1)
Актерката Катерина Коцевска е нова в.д. директорка на Драмски театар, избрана од редот на вработените, велат од Министерството за култура. Таа утре ќе направи примопредавање во театарот, по што официјално ќе и започне новата функција. Информацијата за Телма ја потврди и Коцевска, која рече дека по примопредавањето ќе биде во можност да зборува за приоритетите како нов в.д. директор на театарот.
Коцевска е скоро 37 години член на ансамблот на Драмски. Остварила над 30 улоги, за кои добила повеќе странски и домашни награди, меѓу кои е онаа за најдобро актерско остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“, за ликот на Олга во претставата „Карамазови“. Играла на филм и на тв, а автор е и на неколку изведени драмски текстови. Сега и тече првиот мандат како уметнички директор на фестивалот „Војдан Чернодрински“.
Катерина Коцевска доаѓа на функцијата в.д. директор на Драмски, на местото на разрешената директорка Викторија Рангелова –Петровска, која по професија е драматург и раководеше со театарот од септември 2018 година. Таа беше разрешена од премиерот Заев, како дел од проветрувањата во институциите, во текот на летото, а минатата недела поднесе оставка на функцијата.