Катица Јанева покрај редовната плата зела дополнителни 157.000 евра

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, за време на својот мандат, зела вкупно 157.000 евра надвор од редовната плата, покажуваат официјалните информации од базата „Отворени финансии“. Министерството за финансии, завчера преку базата ги објави сите буџетски трошоци од 2010 година наваму, освен основните плати на вработените во администрацијата и затоа не може да се дојде до официјална информација за висината на личниот доход на Јанева.

Најголем дел од дополнителните пари, 157.000 евра таа ги добивала како додаток за доверливост – да не открива што чула во „бомбите“, а земала и надоместоци за кирија и за тоа што работела надвор од градот во кој живее.

Како што може да се види во базата, поранешната обвинителка секој месец земала по околу 42 евра за тоа што работи надвор од местото на живеење, 400 евра за кирија и додаток за доверливост што ѝ бил исплаќан под контото „Други трансфери“. Токму овој последен бонус е модусот преку кој Јанева ги зела најголемите суми.

Тој се зголемувал во текот на мандатот од четири години – од 1.600, преку 2.200, па сѐ до 4.000 евра.

Базата покажува оти Јанева за првпат ваков додаток за доверливост зела во ноември 2015, и тоа во износ од 248.000 денари, додека втор во февруари 2016, и тоа 70.000 денари. Наредните десетпати зела по 100.000, па еднаш – 40.000 и потоа уште 11 пати по 140.000. Од октомври 2017, па сѐ до јули годинава, Катица Јанева 22 пати зела по 250.000 денари или по 4.000 евра.

Додатокот за доверливост е предвиден со Законот за СЈО, а Јанева со посебна одлука лично го одредувала износот.

Целосните примања на Јанева беа предмет од особен интерес на јавноста уште од самото формирање на СЈО, меѓутоа тие официјално не можеа да бидат потврдени бидејќи обвинителството дел од примањата ги класифицираше како таен податок. Сите инсистирања за сумите досега се сведуваа на претпоставки, а Јанева одбегнуваше да соопшти колку вкупно пари зема како шефица на Специјалното јавно обвинителство.