Скопје и Атина постигнаа договор за името, опсегот на употреба и акронимите, тврди грчкиот весник „Катимерини“ и оценува дека преговорите се претвораат во загатка без решение.
Во три поглавја, за името, опсегот на употреба и акронимите, според грчки Катимерини, постигнат е договор меѓу Скопје и Атина. Весникот коментира дека преговорите се претвораат во нерешлива загатка и покрај почетниот зголемен оптимизам од Атина, јавува дописникот на МИА од Атина.
Грчката влада, како што пишува „Катимерини“, сега се соочува и со опозициската Нова демократија, која бара промена на Уставот, но „Скопје, преку континуираните интервјуа на премиерот Заев, реагира на можноста за промена на Уставот“.
Според информациите, како излез од ситуацијата, Атина во меѓународниот договор што ќе се потпише меѓу Атина и Скопје, ако во преговорите има напредок, ќе предложи да е вклучена и една едноставна заложба за измена на Уставот и за „некој вид започнување на соодветните процедури“. Според истите извори, постигнат е договор за три поглавја во разговорите. Поконкретно за името, опсегот на употреба (ерга омнес) и за акронимите, пишува Катимерини.
Катимерини во текстот под наслов „Мините на патот на Ципрас“, ги анализира отворените прашања со кои грчкиот премиер треба да се справи во следниот период – економијата од една и прашањето за името од друга страна.