Грчкиот весник Катимерини објави своја анализа за состојбата во Северна Македонија по оставката на премиерот Зоран Заев, во која пишуваат дека тоа е порака и за Грција.
Весникот пишува дека Северна Македонија се најде во непознати води по оставката на премиерот Зоран Заев, откако тој ја презеде одговорноста за тешкиот пораз од опозицијата на локалните избори.
Како што се наведува, присуството на Заев како премиер одигра важна симболична, но и суштинска улога во спроведувањето на Договорот од Преспа, како и успехот на кандидатурата за Северна Македонија да стане членка на НАТО и очекувањата за непречен пристап во Европската Унија.
Според Катимерини, сега начинот на справување со состојбата меѓу соседните земји ќе биде отежнат.
„Зајакнувањето на националистичката опозиција, која е против договорот за името со Грција, не навестува добро за билатералните односи или за регионалните случувања“ пишува грчкиот весник.
Атина, од своја страна, мора да ја испрати пораката дека во целост ќе го поддржи Договорот од Преспа – и всушност тоа да го стори.
Три приматели на пораката
Тие нагласуваат дека и покрај фактот што Нова демократија се спротистави на Договорот кога тие беа во опозиција, денес како влада на една модерна европска држава, се посветени на почитувањето на меѓународните обврски. Оваа порака е наменета за три различни приматели.
Првиот секако е меѓународната заедница, во главно САД и ЕУ, кои најпрви го поздравија Договорот од Преспа како клучен за стабилноста на Балканот.
Како втори, пораката која треба да ја примат се политичките сили во Северна Македонија, со која се зајакнуваат позициите на потписниците на Договорот и ги принудуваат критичарите да го спроведат.
Како трета се наведува домашната публика во Грција. Многумина од Нова демократија уште сметаат дека Договорот од Преспа е штетен за Грција и служи само во интерес на Северна Македонија, анализира Катимерини.