Катлановска бања, како и докторите кои работеле без лиценци, се соочуваат со кривична и прекршочна одговороност, откако Државниот и санитарен инспекторат утврди дека бањата немала дозвола за вршење здравствена дејност, а лекарите кои биле странци работеле на диво.
Фондот за здравствено осигурување на Македонија информира дека со Катлановска бања има склучувано договори до 2014 година , врз основа на добиено решение издадено од Министерство за здравство за вршење дејност продолжено лекување и рехабилитација издадено на 24.10.2000 година. Последниот склучен договор со Катлановска бања и ФЗОМ е од 1.1.2014 година со важност од 5 години, тврдат од ФЗОМ.
Пред склучувањето на последниот важечки договор со Катлановска бања, на 10.01.2014 година, Фондот за здравствено осигурување се обрати до Министерството за здравство во врска со статусот и пререгистрацијата на Катлановска бања и и нејзиното право да врши здравствена дејност. Од Министерството за здравство на 27.01.2014 добивме мислење дека Катлановска бања е опфатена во мрежата на здравстени установи и ФЗОМ треба да продолжи да склучува договор со истата – објаснуваат од Фондот.
Во нивниот писмен одговор за „Нетпрес“ се вели дека врз основа на претходно наведеното, Фондот согласно законските прописи и дописот со мислење издадена од Министерството за здравство, склучил договор со Катлановска бања, врз основа на следните двa правни основa.
Катлановска бања е вклучена во мрежата на здравствени установи, од страна на Министерството за здравство, која е објавена во Службен Весник број 81 од 2012 година.
Врз основа на писмено одобрение од страна на Министерството за здравство, од јануари 2014 година во кое се укажува дека Катлановска бања има решение за дозвола за работа, согласно стариот закон за здравствена заштита, при што Фондот за здравствено осигурување треба да продолжи да склучува договор со Катлановска бања се до обновување на нејзината дозвола за работа од страна на Министерството за здравство – се вели во известувањето од ФЗОМ
Според нив по добивањето на информацијата на Државниот завод за санитарен и здравствен инспекторат дека е донесено решение за забрана на вршење на здравствена дејност на Катлановска бања, Фондот постапил соодветно и го стави во мирување договорот склучен со Катлановска бања како и факсимилите на лекарите во електронскиот систем на Фондот.
Сите осигурени лица кои веќе имаат започнато специјализирана медицинска рехабилитација, како продолжено болничко лекување, заклучно со 30.04.2018 година ќе продолжат да ја остваруваат истата, согласно издадено решение на Фондот. Сите осигуреници кои се на листа на чекање, или имаат веќе закажан термин од 01.05.2018 во Катлановска бања, можат да го остварат своето право во друг центар за рехабилитација, посочуваат од Фондот.
ФЗОМ склучува договори за обезбедување на здравствени услуги на осигуреници со сите приватни и јавни здравствени установи кои се во мрежата на здравствени установи, во надлежност на Министерството за здравство, a која ја донесува Владата на Република Македонија.
Министерот за здравство пак Венко Филипче вчера рече дека бањата, за да може да дава здравствени услуги, треба да извади дозвола. Додека да ја извади дозволата, Катлановска бања нема да може да прима пациенти на кои им е потребно лекување, туку може само да се користи за рекреативни цели.
Министерот Филипче, не кажува точно каква ќе биде одговорноста на работењето на странските лекари без лиценци, бидејќи тоа се уште се утврдува.
Здравствените власти сега испитуваат кои се докторите кои работеле на диво, колку долго го работеле тоа, по што и надлежните институции ќе поднесат соодветни пријави –вели Филипче.
На прашањето, како Катлановска бања земала пари од Фондот за здравство за давање здравствени услуги и како бањата воопшто била во здравствената мапа и во системот „ Мој термин“, кога немала дозвола за здравствена дејност, Филипче вели дека кога тоа го забележале и го санкционирале со тоа што забраниле да се вршат медицински прегледи и лекување, додека за тоа што се случувало пред него не може да каже.
Инспекцијата во Катлановска бања затекнала двајца доктори ортопед и анестезиолог како и еден дефектолог кои се странски државјани и кои работеле без лиценци. Тие прегледувале пациенти, но за направениот преглед не давале никаква белешка.
Согласно Законот за здравствена заштита, здравствен работник, односно соработник кој дава здравствени услуги во простор за кој нема дозвола за работа, кривично ќе одговара и ќе се казни со затвор од најмалку четири години. Глоба во износ од 3.000 до 6.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице, ако врши здравствена дејност без дозвола за работа.
Извори од Министерството за здравство велат дека треба да се провери и каков е статусот на лекарите странци кои работат во другите приватни болници во земјава, односно дали имаат лиценци, за што се испратени инспекции.