Кавадарци бара идејно решение за изградба на три фонтани во чест на Сашко Гешовски, првата жртва при распадот на Југославија. Активностите се дел од програмата на Општината за одбележување на значајни настани и истакнати личности.
Весела Честоева, претседател на Одборот за подигање на спомен обележјето, во изјава за МИА, потврди дека е објавен јавен конкурс за изработка на идеен проект на фонтани, на кружниот тек кај новата автобуска станица во Кавадарци. Станува збор за најстариот кружен тек во градот.
– Идејниот проект треба да биде со симболика за животот на Сашко Гешовски, неговата младост. Идејното решение треба естетски да го збогати кружниот тек, а да не влијае врз сообраќајното решение, нагласи Честоева, инаку директор на Винскиот музеј.
Вкупниот фонд на награди изнесува сто илјади денари. Педесет илјади денари за прва награда, 25 илјади за втора и 15 илјади за трета, а десет илјади денари ќе се распределат на другите учесници кои ги исполнуваат условите.
Гешовски е првата жртва што Македонија ја даде при распадот на поранешна Југославија, загинувајќи во Сплит 1991 година на 20 годишна возраст, како војник.