Советниците во општина Ѓорче Петров не дозволија да се одржи третата вонредна седница на која требаше да се гласа за суспензија на Деталниот урбанистички план за Градска четврт C3 16.
ДУП-от кој предизвика тензии и караници меѓу советниците предвидува изградба на 50 згради и три индустриски капацитети од хемиската индустрија.
Во тензична атмосфера, 11 советници од ВМРО-ДПМНЕ и еден од Демократски сојуз гласаа „против“ одржување на вонредната седница, додека советниците од СДСМ и Левица бараа таа да се одржи.
Откако мнозинството советници одлучи да не се одржи седницата во салата настана хаос. Советниците од СДСМ и Левица бараа од нивните колеги од мнозинството да се изјаснат зошто дале таков глас.
Потоа следеше и караница меѓу советниците од СДСМ и Левица и граѓани кои присуствуваа на јавната седница.
Градоначалничката на Град Скопје пред 10 дена ја обвини општина Ѓорче Петров дека без согласност на Градот биле донесени измените на ДУП-от. Градоначалникот Стојкоски, пак, вели дека сите дозволи биле прибрани, а од Дирекцијата за заштита и спасување процениле дека зградите немале никаква опасност по безбедноста на граѓаните.