Слободниот играч Демаркус Казинс поптиша едногодишен договор во вредност 5,3 милиони долари со НБА шампионите Голден Стејт Вориорс, објави во понеделник ESPN.
Казинс, којшто во август ќе наполни 28 години, наводно се двоумел меѓу Вориорс и Бостон Селтикс.
Кошаркарот закрепнува од поврдата на левата Ахилова тетива со којашто се здоби во јануари. Пред повредата се очекуваше дека неговата екипа Њу Орлеанс Пеликанс ќе му понуди петгодишен договор, но повредата ја промени ситуацијата.
Во текот на сезоната Казинс на 48 натпревари, колку што ги одигра пред повредата, имаше просек од 25,2 кошеви, 12,9 скокови, 5,4 асистенции и 1,6 украдени топки и исто толку блокади.
И поранешниот центар на Вориорс, Џевејл Мекги ја напушти екипата и мина во Лос Анџелес Лејкерс, додека Заза Пачулија и Дејвид Вест станаа слободни агенти.
Пеликанс, пак, во своите редови го доведоа Џулиус Рендл од Лејкерс потпишувајќи со нив двегодишен договор, вреден 18 милиони долари.