Наместо во 14-дневна домашна изолација, како што е предвидено, 19 грчки граѓани кои се вратиле од странство, при спроведените контроли биле вон или околу нивните домови и им била изречена казна од 5000 евра, според заменик –министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас, јави дописничката на МИА од Атина.
При репатријација задолжителен е 14- дневен карантин, кој важи за сите, без исклучоци, а како што рече синоќа Хардаљас во 217 случаи што биле проверени во цела Грција, 19 лица не биле во карантин.
Во текот на викендот, во координација на Министерството за надворешни работи на Грција, со бродови и чартер летови се враќаа Грци кои живеат во Италија, Шпанија, Србија, Украина, Чешка, Полска.
Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Милтиадис Варвициотис, во интервју за државната телевизија „ЕРТ“ рече дека над 1000 грчки граѓани се вратени во Грција и уште еднаш повтори дека сите по репатријацијата треба да се самоизолираат 14 дена, а „не да одат да ги видат родителите и пријателите“.
Според Варвициотис, на Кипар има околу 280 грчки граѓани кои сакаат да се вратат.