Казни од три до пет илјади евра и одземање на возило за оние кои создаваат диви депонии, предлага ЗЕЛС

Градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски во изјава за ТВ Алсат зборуваше за вчерашната иницијатива што едногласно се усвои на седницата на ЗЕЛС, а се работи за изрекување големи казни за создавачите на диви депонии.

Како што нагласи тој, се бараат измени во членовите од Законот за комунални дејности во делот на казните, односно зголемување на истите бидејќи во денешно време тие се прениски, а бројот на депонии масовно се зголемува.

– Му благодарам на градоначалникот на општина Аеродром, господинот Дејан Митевски од каде потекнува оваа иницијатива, изјави Ѓорѓиевски.

Вчера на седницата на ЗЕЛС едногласно беше усвоена оваа иницијатива, во која се предвидуваат измени во Законот за комунални дејности, односно во делот на казните и она што ние го бараме е практично да се зголеми глобата, односно висината на казните. Тоа е директна промена на членот 14 и членот 14а од Законот, бидејќи сега се прениски.

-Досега како општество и како градоначалници, но и државните институции се занимаваат со последиците, а никој не се занимава со причинителите. Со оваа интервенција за која ќе имаме средба на крајот на неделава со министерот за транспорт и врски, чие Министерство е надлежно за овој закон, се предвидува глобите да бидат зголемени од 3.000 до 5.000 евра и да постои можност за одземање на возилото на сторителот. На тој начин сметаме дека директно ќе интервенираме за животната средина. Знаете дека постојано како градночалници се трудиме да се справуваме со оние малкумина кои работат на штета на мнозинството, создавајќи диви депонии – изјави Ѓорѓиевски.

Претседателот на ЗЕЛС рече дека се надева оваа иницијатива да наиде на слух кај сите пратенички групи, бидејќи веќе е разговарано со министерот за транспорт и врски Александар Николоски кој изразил силна волја да го поддржи ова барање.

До крајот на оваа недела се очекува заеднички состанок со министерот, по што има надежи дека оваа иницијатива наскоро ќе се најде и пред пратениците.