Казни за „КАМ“, „Веро“, „Кипер“, „Стокомак“, „Миса“ и „Тинекс“ – Бектеши ги кажа маркетите кои не ги замрзнале цените

Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска најави кривични постапки против некои од трговците што не ги почитувале владините одлуки за замрзнувањето на цените.
Според министерот, вчера биле одземени над 15 тони овошје и зеленчук од страна на надлежните институции, а има прекршочни пријави и за управителите на Кванташкиот пазар. Казнети се и увозници на овошје и зеленчук, како и компании што се занимаваат со малопродажба.
Министерот ги објави имињата на некои од поголемите маркети што ја прекршувале владината одлука: „КАМ“, „Веро“, „Кипер“, „Стокомак“, „Миса“ и „Тинекс“.
Тој појасни дека на овие трговци веќе им се изречени глоби, а дополнително за некои од нив неделава ќе бидат поднесени и кривични пријави.
„В петок јавно ќе се поведат кривичните постапки“, рече Бектеши.
Одлуката за замрзнати цени на одредени прехранбени прозводи, односно ограничена маржа до 10 отсто, продолжи да важи до 30 јуни, според неодамнешна одлука на Владата.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, изјави дека на Кванташки пазар биле констатирани многу прекршоци.
Затекнати се трговци кои не водат евиденција во трговијата, рече тој, а одземените стоки се предадени до Агенцијата за управување со одземен имот.
Трајковски најави дека од денес сите инспектори што констатирале прекршок ќе се појавуваат на судските рочишта и тоа мора да биде пракса.