Казни за нечесните трговци од 500 до 10.000 евра, Бектеши ги најави законските новини за заштита на потрошувачите

Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска на прес-конференција информира дека Владата го усвоила новиот предлог-закон за заштита на потрошувачи.

„Сите граѓани треба да уживаат високи стандарди на заштита на потрошувачите како и заштита на интересите на економски послабите учесници, односно ранливите категории во деловните трансакции на пазарот“, нагласи Бектеши и го претстави Предлог-законот како модерна рамка која обезбедува високо ниво на заштита.

„Клучно во ова ново законско решение е што се дава посебно внимание на нечесни трговски практики, измамнички трговски практики и агресивни трговски практики при продажба на стоките и услугите, вклучувајќи ги и недвижностите, дигиталните услуги и дигиталните содржини, како и правата и обврските“, посочи министерот.

 

Одредена трговска практика се смета за измамничка, доколку содржи лажни информации, го доведува во заблуда просечниот потрошувач, дури и кога информациите фактички се точни, а во кој било од случаите предизвикува или е веројатно дека ќе предизвика просечниот потрошувач да донесе пазарна одлука што инаку не би ја донел.

Бектеши истакна дека потрошувачите чии права се повредени со користење на нечесни трговски практики, измамнички и агресивни трговски практики од страна на трговецот имаат право на надомест на штетата која ја претрпеле, имаат право и на сразмерно намалување на цената и раскинување на договорот, додека за трговците следат глоби, санкции и забрана за вршење на дејност.

За прекршување на одредбите од овој Закон предвидени се и глоби и тоа:

-За микро трговци глоба во износ од 500 до 1.000 евра, а 150 евра за одговорното лице; -За мал трговец глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра, а 250 евра за одговорното лице; -За среден трговец глобата изнесува од 2.000 до 5.000 евра, а 350 евра за одговорното лице; -За големите трговци глоба во износ од 5.000 до 10.000 евра, а 500 евра за одговорното лице; -Глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице, односно на трговецот – поединец за прекршокот.

Во делот на прекршочните санкции предвидена е привремена забрана за вршење на дејност и тоа во траење од три месеци до две години, од страна на надлежен суд за среден трговец и голем трговец и од 15 до 30 дена за микро и мал трговец, од страна на Комисијата за одлучување по прекршок.

На одговорните лица пак е кај правни лица, е предвидена забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од три месеци до една година, од страна на надлежен суд, а кај трговецот-поединец во траење од 15 до 30 дена, од страна на Комисијата за одлучување по прекршок.