Казни за виновниците за пожарот во модуларната болница и разрешување на Јовески, бараа демонстрантите

Роднините на 14 загинати во пожарот во модуларната болница заедно со стотина граѓани излегоа денеска на протест пред Основниот суд во Тетово откако беше објавен документарниот филм на ИРЛ, „Убиство во Тетово“ во кој беа споделени документи, сведочења и прикривање на докази од институциите на системот.

-Денеска се собравме пред Обвинителството и пред Судот за да го изразиме гневот на граѓаните за манипулацијата и извртувањето на судскиот процес за трагедијата од 8 септември, каде живи изгореа 14 наши сограѓани. За 5 години имаме 4 трагедии, 97 жртви и нула денови затвор. Затоа довербата во правосудниот систем на оваа држава е нула. Животите на граѓаните станаа заложници на пазарења и тендери без критериуми. Се виде дека корупцијата убива – рекоа демонстрантите.

Тие велат дека Обвинителството и Судот се дел од злосторничко здружување кое ја држи државата во заложништво.

– Бараме Владата веднаш да го разреши јавниот обвинител Јовески и другите обвинители инволвирани во оваа монструозно дело да одговараат кривично. Бараме да се судат и казнат вистинските виновници, вклучително и политичарите кои спротивно на законот го доделија тендерот. Нема правда, нема мир! – порачаа демонстрантите во Тетово.

Обвинителот во Тетово ги гонеше двајцата ексдиректори на тетовската болница и докторот задолжен за модуларниот објект, но не го гонеше никого за причините за настанувањ на пожарот, како и за изградбата на објекти со материјали кои немаат противпожарна заштита.

Протестот беше најавен по објавувањето на документарецот на ИРЛ насловен „Убиство во Тетово“.