На својот фејсбук профил, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ напиша дека се иполнува уште едно ветување. Тој информира дека со цел јакнење на стручните служби во основните и средните училишта во Република Македонија Владата донела одлука од 1 септември 2016 година во македонскиот образовен систем да бидат ангажирани вкупно 131 дефектолог.
Одлуката, донесена минатата недела на редовна владина седница, важи за сите училишта кои го известиле Министерството за образование и наука дека имаат потреба од ваков кадар, заради тоа што имаат одреден број ученици со извесни посебни образовни потреби на кои им е неопходна соодветна стручна помош и поддршка во насока на правилен развој и тек на образование.
Изборот на дефектолози ќе се реализира на транспарентен начин, односно по пат на јавни конкурси за вработување, кои ќе бидат етапно објавувани, а во нив ќе бидат назначени сите подетални информации за условите и критериумите за аплицирање и обезбедување на соодветниот работен ангажман.
– Ова беше барање кое многу често беше поставувано на теренските посети, ја увидовме потребата и донесовме одлука која има повеќекратна функција. Освен тоа што ќе се вработи професионален кадар, нивната работа ќе биде и додадена вредност во образовниот процес, особено важна за оние на кој им е потребна нивната помош. Се работи за повеќедецениски проблем и хроничен недостаток на ваков кадар. Сега тоа ќе биде минато. Продолжуваме да работиме за граѓаните и да решаваме што е можно повеќе проблеми. Да создаваме работи кои се од реална корист. Зборот си е збор и тој мора да се исполни!, пишува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на својот профил на Фејсбук.