Преку Меѓународен тендер финансиран од Светска банка, избран е најповолниот понудувач кој ќе изврши изградба на 7 улици во поранешната касарна во Битола. Вкупната должина на улиците кои ќе се изградат со овој проект изнесува 2км и 800 метри. Денес, општина Битола потпиша договор со најповолниот понудувач односно изведувачот ГП Гранит.
Старата касарна или Златен рид е еден од најзначајните наши проекти. Во изминатиов период таму општина Битола инвестираше и веќе големата инфраструктурна мрежа е скоро финализирана, но побаравме задолжување од Владата на Република Македонија, Светска банка, односно од Министерството за финансии. Задолжувањето е до 2,5 милиони евра. Имавме среќа во текот на тендерската постапка таа цена да се спушти. Постапката е завршена. Тендерот го доби ГП Гранит, а цената е над еден и пол милион евра и подразбира реализација на водоводна мрежа, атмосферска канализација, асфалтирање итн. Се работи за седум улици. Дел се во АРМ 1, а дел во АРМ 2″, изјави градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески.
Инфраструктурата од предвидените седум улици ќе биде поврзана со постоечката инфраструктура, а градежните активности треба да бидат завршени во рок од 15 месеци после почетокот на работата. На овој начин, за период од една година Старата касарна ќе има потполно нов изглед.
Ние имавме обврска кои делови од инфраструктурата да ги направиме со буџетски финансиски средства, за да можеме да го добиеме овој проект, како што е тоа со фекалната канализација која комплетно ја завршивме преку нашите јавни претпријатија, пред се КЈП Нискоградба”, изјави градоначалникот Талески.
После завршувањето на проектот кој треба да го реализира ГП Гранит, Општина Битола, повторно има можност до вредноста од 2 500 000 евра да побара финансирање и да продолжи со доизградба на улиците во поранашната касарна.